Старото училиште ,,Димитар Влахов” во преспанското село Љубојно ќе се реконструира и ќе се адапира со 32.8 милиони денари. Овие средства во буџетот на Министерството за култура ќе бидат обезбедени во 2024 и во 2025 година.
„Владата, Министерството за култура и Завод и музеј Битола презедоа обврска старото училиште во Љубојно да биде обновено и да се ревитализира во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници. Во две буџетски години ќе биде обновено местото кое е темел на нашиот културен и национален идентитет“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека идејата е овој значаен објект каде се одвивала настава на македонски јазик да стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и да остане како паметник за генерациите по нас, дека темелите на ова здание се всушност историски темели на образованието на мајчин, македонски јазик, столбот на нашиот идентитет.
−Старото училиште е во режим на заштита од 2020 година како дел од споменичната целина Љубојно. По неговото автентично обновување, овој монументален објект ќе биде „Центар за промоција на македонскиот јазик“, со што Владата со дело покажува дека се грижи за заштитата и промоцијата на македонскиот јазик, која е клучна за македонскиот културен опстанок−додаде Костадиновска-Стојчевска.
За проектот, кој го реализира Завод и музеј Битола во 2024 година обезбедени 20 милиони денари, во2025 година, се проектирани 12.8 милиони денари. Во периодот што следува, по заокружувањето на преостанатите административни процедури, надлежната установа ќе спроведе постапка за доделување на договор за јавна набавка за реконструкција и адаптација на објектот.
Завод и музеј Битола во изминатиот период ги презеде сите неопходни чекори за реализација на овој значаен проект, односно беа изработени Геодетскиот елаборат и Урбанистичко-архитектонскиот проект, чиј што составен дел беше Идејниот проект за објектот во с.Љубојно. Во текот на 2023 година се работеше на Основниот проект, кој по неговото комплетирање и реализација на сите ревидентски фази, беше испратен до Управата за заштита на културно наследство за добивање на Конзерваторско одобрение.