Министерот за економија Крешник Бектеши и Директорот на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, Дејан Јаневски, денеска во Министерството за економија потпишаа Меморандум за соработка.
Потпишувањето ја официјализира меѓусебната соработка во насока на зголемувањето на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, поддршка на енергетската ефикаснот, циркуларната економија и дигитализацијата.
Целта е преку координирана соработка и размена на информации ефикасно да се одговори на потребите на компаниите. Имено, двете страни ќе работат на спроведување на пилот проекти заедно со компаниите, а најуспешните од нив ќе станат активни мерки за поддршка на приватниот сектор во програмата на Министерството.
Овие заеднички активности ќе придонесат за создавање на усогласени мерки и политики со правната рамка на ЕУ и континуирана поддршка на приватниот сектор на патот кон неговиот развој.
Министерот Бектеши се заблагодари за досегашната поддршка која континуирано ја добива Министерството за економија од УСАИД.
“Само со партнерски однос можеме да придонесеме во подобрување на деловното окружување во нашата земја“ кажа министерот Бектеши.
За време на потпишувањето, Директорот на Активноста Дејан Јаневски, изјави дека соработка со Министерството секогаш постоела, а со овој чин на потпишување на Меморандумот се даваат само конкретни насоки за заеднички активности и консолидација на напорите за да се зголеми економскиот раст во државата.
„Ние сме партнери на приватниот сектор на патот кон неговиот раст и развој, а создавањето партнерства е формула за успех“ кажа Јаневски.