Руски компании заинтересирани за туристичките потенцијали на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и владината делегација во чиј состав се г-дин Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Ваљон Сараќини, министер за економија и г-дин Бил Павлески министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции денеска(недела, 17.06.2012 година) по пристигнувањето во Москва, Руска Федерација, во попладневните часови оствари средба и работна вечера со претставници     на компании од областа на туризмот кои се потенцијални инвеститори во оваа област. Компаниите се сопственици на ланци туристички комплекси во и надвор од Руската Федерација.

На средбата беа дискутирани опциите за овозможување на соработка и можностите за реализација на инвестиции во Република Македонија. Владините претставници ги претставија поволностите за инвестирање во туризмот, и можностите кои ги нудат угостителско- туристичките развојни зони. Акцент беше ставен на нискиот даночен пакет и можноста за неоданочување на добивката доколку не се распредели како дивиденда, на намалениот данок на додадена вредност за туристички услуги од 18% на 5%, субвенции за туристичките оператори кои носат туристи во нашата земја и на мерката за откуп на земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен доколку се градат туристички капацитети и хотели.

Руските стопанственици позитивно ги оценија пакет мерките на македонската Влада за привлекување инвестиции во областа на туризмот, и истакнаа дека ќе направат продлабочена комерцијално- техничка анализа за дополнително напредување во интересот за реализација на бизнис.

Од двете страни беше изразен сериозен интерес за продолжување и продлабочување на контактите и интензивирање на размената на дополнителни податоци од интерес за процесите.