Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити присуствуваше на првата министерска конференција на 28. Конференција на страните на рамковната конвенција на ООН за климатски промени, што од 30 ноември до 12 декември се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Меџити, истакнува дека целта на овој министерски состанок, на кој присуствуваат над 100 земји од светот е унифицирање на активностите и пристапот на климатските промени на глобално ниво.
Во рамки на COP28, министерот Меџити оствари средба со министерот за здравство и превенција на ОАЕ, АбдулаРахман Бин Мохамед Аловаис, која воедно се случува првпат меѓу министрите на Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
„На средбата покажавме ентузијазам за соработка, со што се одлучи да се формира комитет под двете министерства, кој ќе работи на изготвување меморандум за соработка. Овој меморандум ќе ја зајакне соработката во областа на здравството, со цел меѓусебна размена на искуства и знаења за унапредување на здравствените системи во двете земји“, вели Меџити.