Потпишување Спогодба за заемно признавање од областа на образованието меѓу македонската и руската влада

Информираме дека денеска (вторник, 19.06.2012 година) во Москва, Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација ќе потпишат меѓудржавна Спогодба за заемно признавање на документите за образование и научните звања. Со овој документ, меѓу другото, се усогласуваат нормите за признавање на образовните дипломи стекнати во училиштата и на универзитетите во двете земји и се воспоставува основа за продлабочување на меѓусебната соработка.

Во име на Владата на Република Македонија документот ќе го потпише г-дин Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии.

Во текот на денот, владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, ќе оствари посета на градот Владимир, каде ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум за презентација на инвестициските можности и поволности кои ги нуди нашата земја. Премиерот Груевски ќе оствари средба со г-дин Николај Виноградов, губернатор на Владимирската област.