Ковачевски на Самитот ЕУ- Западен Балкан: Северна Македонија нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ агенда

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на Брисел, се обрати на Самитот ЕУ-Западен Балкан, каде на највисоко ниво се дискутираше за концептот на забрзана и постепена интеграција, за интегрирањето на регионот на единствениот пазар на ЕУ, билатералните односи меѓу земјите од регионот, како и реформските процеси на земјите од Западен Балкан.

Овој Самит е најважниот политички состанок меѓу земјите членки на ЕУ и земјите на Западен Балкан, можност да се зацврсти на уште повисоко ниво соработката заснована на принципи и вредности на ЕУ, како и потврда за геополитичката итност од проширување на ЕУ со регионот.

Премиерот Димитар Ковачевски во своето излагање, ја нагласи поддршката на Европската Унија која беше клучна минатата година во справување со енергетската криза, а за Северна Македонија тоа беше и можност за градење побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина.  
 
На сесијата од Самитот на ЕУ и Западен Балкан, Ковачевски говреше дека партнерството на Северна Македонија и ЕУ е  двонасочна улица, без разлика дали се работи за  зелената агенда, миграцијата, дигитализацијата итн. Според Ковачевски тоа е однос со партнер кој ние го вреднуваме и во кој веруваме, споделуваме вредности и сакаме да сме дел од заедничката иднина.  

Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ агенда. Успешното завршување на скрининг процесот за земјата, според претседателот на Владата е изразена поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на Северна Македонија, со цел непречен тек на преговарачкиот процес.

Во таа насока премиерот на Самитот посочи дека овој ден за Северна Македонија можеше да е победнички ден, во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес. Огромна е штетата што опозицијата во земјата е главен кочничар на европската иднина на државата. Граѓаните со денешниот ден и конкретно можат да се уверат дека со вакво анти-еу и анти нато позиции на опозиција, тие ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство.

Премиерот Ковачевски посочи дека и покрај блокадите од опозицијата, оваа проевропска Влада, нема да отстапи од европскиот пат затоа што нашата единствена алтернатива е ЕУ. Воедно премиерот истакна дека очекува натамошна поддршка од европските лидери на трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата.