Почнува проект за безбедност во средните училишта

Дваесет и девет средни училишта од девет општини во Македонија ќе бидат дел од проектот за безбедност во училиштата, кој беше промовиран денеска во Скопје.

Проектот, инициран и поддржан од ОБСЕ, ќе се спроведе во средните училишта во соработка со министерствата за внатрешни работи и за образование и наука, како и со локалните власти во Скопје, Тетово, Охрид, Струга, Гостивар, Кичево, Битола и Македонски Брод.

Целта на проектот е да ги собере професорите, учениците, родителите, полицијата, социјалните служби и сите останати засегнати членови на заедницата, заедно да работат на решавање на прашањето за безбедноста во училиштата, како и да обезбеди активно учество на учениците и да создаде чувство на заедничка одговорност.

- Насилството во училиштата може да претставува вистинска закана за безбедноста и на професорите и на учениците, и може да наштети на безбедната и продуктивна училишна средина, изјави шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет додавајќи притоа дека од тие причини неопходно е да се работи на негово намалување и сузбивање.

Тој истакна дека проектот треба да ги поддржи државните и локалните власти, како и локалните заедници во создавањето одржлив модел на превенција и на безбедност во училиштата  кој ќе биде одговор на насилното однесување, инциденти и меѓуетничката нетолерантност меѓу младите луѓе во средните училишта.  

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска смета дека грижата за младите е една од клучните задачи кон која, како што рече, треба да се пристапи со крајна сериозност и одговорност, бидејќи во спротивно статистиките на девијантно малолетничко однесување можат да станат уште позагрижувачки.

- Постоењето на безбедна училишна средина е основен предуслов нашите деца да го достигнат својот целосен потенцијал во животот, рече Јанкулоска. 

Таа посочи дека од вкупно 2.995 расчистени кривични дела, 406 биле извршени од малолетници, односно во нив биле вклучени 643 малолетни лица. Според податоците на МВР, од почетокот на годинава досега регистриран е 61 инцидент во близината на училиштата, од кои 41 во средните и 20 во основните училишта.

Министерот за образование и наука Панче Кралев смета дека безбедната средина за учење е предуслов учениците да се чувствуваат сигурни и да можат да се фокусираат на учењето со што, како што рече, образованието ќе ја постигне крајната цел.

Потребата од вклучување на повеќе субјекти во овој проект, е резултат на неможноста на училиштата сами да овозможат создавање безбедна средина.

Во рамки на проектот ќе се формираат тимови кои ќе работат на подигнување на јавната свест за безбедност меѓу учениците, ќе се изготват правилници за однесување, ќе се прават анкети во и надвор од училиштата, а учениците ќе имаат можност да ги детектираат проблемите и да учесувуваат во нивното решавање.

Проектот како пилот е имплементиран минатата година во општината Луманово, каде дал позитивни резултати, поради што е препорачано тој да се имплементира во други општини.