Презентирани поволностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмени во Владимир
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и владина делегација во состав, г-дин Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии, г-дин Бил Павлески, министер за странски инвестиции, и г-дин Христијан Делев, заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, денеска(вторник, 19.06.2012 година) присуствуваше и се обрати на бизнис форум во рускиот град Владимир, на кој учествуваа претставници на 20 претходно таргетирани руски компании. Градот Владимир е седиште на Владимирската област која е трет регион по степен на развиеност на економијата во Руската Федерација, со развиена металургија, машинска, хемиска, градежна, преработувачка и енергетска индустрија.
Во своето обраќање, премиерот Груевски ја истакна заложбата за продлабочување на односите помеѓу двете страни. Руската Федерација е седмиот најзначаен трговски партнер на Република Македонија. Нашата билатерална трговија во изминатата деценија се зголеми за речиси пет пати, односно растеше со просечна стапка од близу 17% годишно. И покрај тоа, од руските и македонските стопанственици очекуваме многу повеќе иницијативи и токму во тој контекст е и нашата денешна средба, истакна премиерот во обраќањето.
Претседателот на Владата Груевски ги истакна поволностите кои Република Македонија ги нуди за водење бизнис. Македонија нуди најнизок даночен пакет во Европа, нуди опција за неоданочување на добивката во неограничен број износи и години доколку не се распредели како дивиденда, преку договорите за слободна трговија со Европската унија, земјите-членки на ЕФТА и ЦЕФТА, обезбедуваме пазар од 660 милиони потрошувачи, имаме макроекономска стабилност, и затоа според угледниот „Дуинг Бизнис“ извештај на Светската банка за 2012 година, Македонија е на 22-та позиција во светски рамки, меѓу 183 земји, и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа, изјави во говорот премиерот Груевски.
Од име на домаќинот се обрати губернаторот на Владимирската област, г-дин Николај Виноградов, кој заблагодарувајќи се на посетата ги охрабри активностите за овозможување на поконкретна соработка помеѓу компаниите од двете страни. Ние позитивно ги цениме вашите напори и активности за привлекување на инвестиции, нашиот регион многу брзо се развива особено во металургијата, преработувачката, лесната и машинската индустрија, и на овие полиња може да оствариме конкретна соработка, истакна губернаторот Виноградов.
Вицепремиерот Ставрески во своето обраќање се осврна на можностите за инвестиции во енергетскиот сектор, притоа претставувајќи конкретни проекти и опции за инвестиции во нив. Тој се задржа и на промоцијата на поволностите кои ги нудат туристичко угостителските развојни зони, и субвенциите за туроператорите кои носат туристи во Македонија.
Министерот Бил Павлески во својата презентација се осврна на можностите за инвестиции во автомобилската и во машинската индустрија.
Заменик директорот Христијан Делев ги презентираше можностите за инвестиции во земјоделството и можностите за откуп на македонски земјоделски производи.
Вечерва владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски патува за Нижљиј Новогород, каде во текот на утрешниот ден ќе оствари повеќе средби со претставници на руски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија и ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во истоимениот град.