Груевски промовираше, Новогород и понуди соработка на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и владина делегација во состав г-дин Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии, г-дин Бил Павлески, министер за странски инвестиции и г- дин Христијан Делев, заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, денеска(среда, 20.06.2012 година) присуствуваше и се обрати на бизнис форум во рускиот град Нижњиј Новогород, на кој учествуваа претставници на над 60 руски компании. Нижњиј Новогород е седиште на Нижегородската област кој е најбрзорастечки регион во Руската Федерација и еден од најбогатите во земјата. Во областа се развиени земјоделството, металуршката, машинската, автомобилската и преработувачката индустрија.

Во своето поздравно обраќање, претседателот на Трговско- индустриската комора на Новогород, Дмитри Краснов, понуди конкретни чекори за започнување на поинтензивна соработка со македонски компании во интерес на реализација на конкретни проекти. “Би сакал да кажам дека бизнис заедницата и претпријатијата би сакале да воспостават конкретна размена на информации, за да се дојде до конкретни проекти. Ние им предлагаме на нашите колеги од Стопанската комора на Македонија да се воспостави единствен електронски регистар на компании со цел да се олесни размената на информации меѓу Нижњиј Новогород и Македонија. Се надеваме дека денешната посета ќе ја искористиме како стартен момент за воспоставување на успешна економска билатерална соработка”, истакна Краснов.

Премиерот Груевски во своето обраќање истакна дека целта на посетата е да се создадат услови за поинтензивна и подинамична економска соработка меѓу двете страни. “Нашата цел е да посетиме што повеќе региони од Вашата држава и на локално ниво да ги запознаеме вашите компании со нашите можности и поволности за водење бизнис, за на тој начин да можат да размислуваат за лоцирање на Македонија како место за развој на нивниот бизнис и пласирање на производи на европскиот пазар”, истакна Груевски.

Наведувајќи ги компаративните предности на Република Македонија, претседателот на Владата Груевски се осврна и на бранот инвестиции кои влегоа во Македонија и можноста за нивно интензивирање. “И покрај кревкиот економски растеж на европскиот континент, во последниве две години им посакавме добредојде на инвестициите на „Џонсон Контролс“ и „Кемет електроникс“, „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекселмејер“, „Виндтек Интернешенел“ и други. Во моментов, многу сериозен интерес за инвестирање изразија компании од Кина, Индија и Катар, што за нас е силна потврда дека сме на вистинскиот пат, на патот на економскиот просперитет. Компаниите од Нижњиј Новогород, кои се лидери во металургијата, автомобилската и петрохемиската индустрија и не само тие, секако, се добредојдени во Република Македонија”, изјави Груевски.

Во својата презентација пред присутните вицепремиерот Зоран Ставрески се осврна на најниските трошоци за реализација на бизнис кои ги нуди Македонија на странските инвеститори, пред се, најнискиот даночен пакет во Европа.

Министерот Бил Павлески ги претстави можностите за инвестиции во туризмот и во енергетиката, а заменик директорот Христијан Делев, ги претстави можностите за извоз на македонски земјоделски производи во Нижњиј Новогород, Руска Федерација.