Високите температури ризични за сообраќајот, возачите да ги почитуваат правилата и прописите, порачуваат експертите

Возачите максимално да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да внимаваат на сигнализацијата и да ја прилагодуваат брзината на патот, а мотоциклистите задолжително да ја носат потребната заштитна опрема. Овие генерални препораки, велат експертите, треба особено да се земат предвид во летниот период кога, според статистиката, е најголем бројот на сообраќајните незгоди.

- Република Македонија најголем  број сообраќајни незгоди со тешки последици бележи во месеците јули и август, во периодот од 11 до 17 часот кога температурите на воздухот се највисоки, покажува истражувањето „Влијанието на високите температури во летниот период врз безбедноста на сообраќајот на патиштата“ што беше презентирано денеска во Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Најризични се долгите чекања на семафорите, наплатните рампи и граничните премини.

- Секој може да биде причинител или жртва на несреќата. Оттука, важно е однесувањето на сите учесници во сообраќајот. Тие на еднаков начин може да придонесат за потенцијални незгоди. Затоа, не треба да импровизираат, треба да се однесуваат одговорно, да ја почитуваат сигнализацијата, да ја прилагодуваат брзината на патот, ако чувствуваат замор, да застанат, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Казнената политика и засилените контроли, додаде, имаат влијание врз намалувањето на бројот сообраќајки. Сепак, клучна е културата на возење.

Според анализата направена минатата година на вкупно 1.450 испитаници од кои 44 отсто жени, лицата кои управуваат моторни возила речиси воопшто немаат познавања од давање прва помош или какво било превенирање при евентуални здравствени последици од високите температури. 

За надминување на ваквата ситуација, како што беше речено на прес-конференцијата, РСБСП и Црвениот крст на Македонија потпишаа Меморандум на соработка што практично значи спроведување конкретни активности во насока на уште поголемо информирање и доедукација на населението околу последиците на високите температури по здравјето. Освен преку медиумите и организирањето најразлични образовни предавања, се подготвува и флаер во кој може да се прочита за исцрпеноста, топлотниот удар, симптомите, како тие да се препознаат и што да се преземе.

За бесплатни совети за заштита од топлотните бранови, возачите може да се обратат и на отворената телефонска линија 02 32 21 902.