Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, на заедничка прес-конференција ги презентираа податоците за исплатата на државна помош по Законот за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ) кој е дел од Планот за економски раст, воведен во 2017 година преку кој Владата им дава помош и поддршка на домашните компании за развој и нови инвестиции, а со тоа и за нови вработувања и е наменет за поддршка на развој и зголемување на конкурентноста на домашните компании.
Во продолжение, интегрално го проследуваме обраќањето на вицепремиерот Битиќи:
„Ви благодарам што дојдовте на оваа прес-конференција која ја одржувам по четврти пат од 2020 година, ова е традиционална прес-конференција со која ја завршуваме секоја година со позитивни вести. Денеска ќе ги презентираме податоците за исплата на државната помош по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој е дел од Планот за економски раст, преку кој им даваме помош и поддршка на домашните компании за развој и нови инвестиции, а со тоа и нивните вработени.
Планот за економски раст кој е наменет за поддршка на развој и зголемување на конкурентноста на домашните компании е воведен во 2017 година, првите исплати кон компаниите се прават на крајот на 2018 година.
До воведувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, или како ние на кратко го нарекуваме ЗФПИ состојбата е следна: поддржани нула домашни компании, со нула финансиска поддршка за нивните инвестиции.
ЗФПИ првенствено донесе ист третман на домашните со странските компании во поддршката кон нивните инвестиции и сега шест години подоцна ја имаме следната состојба. Во моментов целото портфолио во мојот кабинет е од 919 компании, кои во овие шест години имаат инвестирано над 500 милиони евра а имаме исплатено 100 милиони евра финансиска поддршка кон нив.
Трето, преку оваа поддршка ја јакнеме довербата и партнерскиот однос помеѓу стопанството и институциите, бидејќи ако порано постоел страв да се побара било каква поддршка од државата, затоа што тоа значело инспекции и уцена, денеска имаме сосема поинаква слика, не само на редовна исплата, која пред 2 години ја направивме и во две годишни транши за да ги помогнеме компаниите во нивната ликвидност за време на кризата, туку и од 2020 година со почетокот на мојот мандат, имаме 100% исплата на државната помош.
Ова јасно можете да го видите на графиконот зад мене.
Оваа година исплативме рекордна сума на финансиска поддршка кон компаниите. 39,6 милиони евра се исплатени кон 513 компании, кои а во минатата 2022 година реализирале вкупни инвестиции од 153,3 милиони евра.
Од почетокот на мандатот има неколку работи за кои постојано работам, дел од тие е и рамномерниот регионален развој. Затоа што за мене, нееднаквоста која има најголем негативен импакт е нееднаквост поради исклученост. Сметам дека инклузивноста и дадената шанса е единствениот соодветен одговор, како и позитивната дискриминација додека не се поправи направената штета. Затоа во 2021ва направивме измена во Законот која предвидува поголема исплата на помош за оние компании од помалку развиените региони.
Оваа година ќе видите и на графиконот зад мене имаме најголема регионална распределба на средствата од било која година претходно. 70 отсто од поддржаните компании како и 63,3% од поддршката се кон компании надвор од скопскиот регион. На овој графикон можете да ја видите распределбата на финансиската поддршка, за оваа година, по региони, исплатена од Владата. А на следниот можете да го видите и бројот на компании, нивните инвестиции и поддршката која ја добиле, по региони, изразени во апсолутни вредности.
Одржливиот, рамномерен и инклузивен развој на државата е политичка заложба на оваа Влада. Секој граѓанин, независно од местото на живеење, заслужува можност, креирани услови и шанса за квалитетен живот во своето место на живеење. Ова ќе овозможи и постепена демографска ревитализација на регионите со полека „олеснување“ на со години централизираниот фокус на главниот град.
Годинава посетив голем број од компаниите кои ги поддржуваме преку овој Закон за да можеме да разговараме и да слушнам кои се нивните вистински потреби, за да можеме да одговориме на правилниот начин. Токму поради тоа исплатата ја направивме во две транши, бидејќи сакавме да ги охрабриме и поддржиме компаниите кои инвестираа и се развиваа и во време на криза. Да им овозможиме свежа ликвидност. Но и да обезбедиме сигурност за нивните вработени но и можност на отворање на нови работни места. Ова сметам дека успешно го реализиравме, затоа што компаниите истото и го потврдуваат.
Во овие шест години испеавме да ја зголемиме државната поддршка кон компаниите за 12,7 пати, од 3,1 милиони евра на првата исплата во 2018 година, на 39,6 милиони евра оваа година. Што пак споредено со нула државна помош кон домашните компании во 2017 година е веќе споредба која нема потреба и да ја правиме.
На графиконот можете да видите како по години расте поддршката кон компаниите. Во сите години има значителен раст, освен во 2021 година, која е ковид криза година но сепак успеавме и под тие услови да ја зголемиме поддршката а и да ја исплатиме 100%. Што ја потврдува нашата посветеност.
Со зголемената поддршка успеавме да ги зголемиме инвестициите на компаниите, кои инвестираат во развој и зголемена конкурентност. Успеавме да ја зголемиме довербата и да го зацврстиме партнерскиот однос. Успеавме да ја зголемиме предвидливоста со исплата на 100% финансиска поддршка од 2020 година наваму, како и да одговориме на вистинските потреби на компаниите. Успеавме да ги поддржиме во вистина големи кризи кои ги имавме последните три години, но и да ги поттикнеме и охрабриме компаниите да инвестираат, да гледаат можност и во предизвиците. Најважно успеавме да ги задржиме работните места и да се отворат нови, достоинствено платени. Успеавме претходната година да го воведеме првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, прв во јавниот сектор во регионот. Преку АДА сите можат да добијат брзи, исти, лесно разбирливи информации за условите за инвестирање без било кој информацијата да ја држи како алатка за манипулација. Успеавме да ја зголемиме транспарентноста и намалиме можноста за злоупотреба.
Она што е пред нас и кое треба да го довршиме е комплетната дигитализација на државната помош, ова ќе го направиме преку Менаџмент информацискиот систем за државна помош, кој во работен проект го нарекуваме САМИС, кој веќе го работиме со Светска банка и набрзо треба да биде готов. Ова дополнително ќе овозможи транспарентност и намалување на корупцијата. Важно е дека, преку овој систем ќе биде лесно да се следат сите исплати за државна помош и ќе можат да се следат ефектите и импактот на истата.
Следен чекор е насочување на целата државна помош кон посакуваниот развој во индустриите кои носат најголема додадена вредност.
Мојата заложба секогаш била насочена кон реструктурирање на нашата домашна економија. Пред неполн месец во Владата беше изгласана Паметната специјализација, која издвојува 4 стратешки економски гранки за развој на нашата држава, сега мораме паметно да поддржуваме онаму каде што е важно, каде што импактот за нашиот иден развој ќе биде најголем.
На почетокот на следната година очекуваме во Собранието да биде изгласана и Националната развојна стратегија. Која пак ќе е чадор визија за развојот на нашата држава во следните 20 години. За мене ова е еден од поважните процеси кои ги имаме водено од осамостојувањето и нејзиното гласање и носење во Собранието ќе значи дека за прва пат имаме постигнато консензус дека државните приоритети ќе имаат предност пред партиските и личните.
На почетокот на следната година ќе одржиме и еден заеднички широк брифинг и со вас новинарите за да ги имате сите детали за да можете да им ги пренесете на нашите сограѓани.
За крај, би сакал да се обратам и кон нашите домашни компании. Да им честитам и да им се заблагодарам за упорноста, професионалноста и отпорноста која ја демонстрираа последниве неколку години.
Вие, во нашата држава преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции во последните шест години инвестиравте над половина милијарда евра и за мене е еден врвен патриотски чин. Заедно, придонесуваме во реструктурирање на домашната економија а Вие добивате реална поддршка која е предвидлива и ги следи вашите развојни потреби. Владата во овие шест години ве следи во Вашите инвестиции со околу 100 милиони евра. Овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму, како влог во она што е наше, заедничко и ни значи на сите.
Вие сте нашиот македонски бренд, вие сте нашата успешна домашна економија!“.