Премиерот Груевски се сретна со губернаторот на Нижњијновогородската област Валериј Шанцев

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(среда, 20.06.2012 година) оствари средба со губернаторот на Ниженовогородската област, г-дин Валериј Шанцев.

На средбата двајцата соговорници ги истакнаа своите заложби за личен ангажман во поддршка на македонските и на руските компании од Ниженовогородската област, за воспоставување на поблиски односи, унапредување на соработката и динамизирање на односите во проекти од заеднички интерес.

Се разгледуваше и можноста и опциите за реализација на заеднички проекти помеѓу компаниите од двете земји. Акцент беше ставен на сферите на земјоделието, туризмот и недвижностите.

Премиерот Груевски ги претстави поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвестиции, при што истакна дека стабилната економија, инвестицискиот пакет кој го нудиме за поддршка на инвеститорите, либерализираната трговија со сите земји од континентот Европа и податоците за движењето на макроекономските индикатори во Република Македонија се добра гаранција дека оние инвеститори кои ќе се одлучат за инвестиции во Македонија можат да очекуваат развивање и оплодување на својот бизнис.

Губернаторот Шанцев, позитивно ги оцени добиените информации, и истакна дека службите на областа активно ќе лобираат кај новогородските стопанственици за остварување на конкретни проекти во Република Македонија.

Соговорниците констатираа дека двете страни ќе продолжат со активностите за развој на односите и во други сфери од заеднички интерес.