Премиерот Груевски се сретна со рускиот претседател Путин

Денеска(четврток, 21.06.2012 година) во Санкт Петербург, претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, оствари средба со претседателот на Руската Федерација, г-дин Владимир Путин.

На средбата соговорниците ги истакнаа добрите политички односи кои владеат меѓу двете земји на севкупно ниво, односи кои се во нагорна линија.

Премиерот Груевски и претседателот Путин констатираа дека двете земји успешно се справија и справуваат со последиците од глобалната економска криза, која е сериозен предизвик за сите земји од светот.

Соговорниците изразија заложба и поддршка за продлабочувањето и интензивирањето на економските односи, зголемувањето на економската соработка на планот на инвестициите и трговската размена.

Меѓу клучните приоритети беше разговарано за соработката во областа на гасификацијата и вклучувањето на Република Македонија во меѓународните коридори за пренос на гас, што ќе отвори нови перспективи за македонската економија.