Министерот Павлески се обрати на форумот „ЕУ финансирање наспроти инвестиции во иновации и технологија“
Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески, вчера (четврток, 21 јуни 2012 година) имаше видео обраќање на форумот „ЕУ финансирање наспроти инвестиции во иновации и технологија“ кој се одржува во Брисел, а е во рамки на Европската недела на одржлива енергија.
Настанот е во организација на ЕУ-Проект центар за знаење и иновации – ЕМКИЦЕ кој поврзува државни и европски институции, европски фондови, приватен сектор и инвеститори во насока на поттикнување на иновациите како основа за понатамошен развој.
Министерот Павлески во своето обраќање до присутните ги истакна фискалните и макроекономските поволности кои ги нуди Македонија во делот на иновациите, претприемништвото и инвестициите воопшто, и притоа ја претстави Македонија како една од најконкурентните земји на пазарот на трудот во Европа која поседува високо квалификувана работна сила.
Павлески истакна дека македонската Влада силно ги поддржува сите напори за градење соодветни перспективи за општество ориентирано кон иновации во согласност со Стратегијата Европа 2020 – предводник на иницијативата на Унија на иновации и ЕУ рамковна програма за истражување и иновации ”Хоризонт 2020“. Како најзначајни за развојот на земјата ги нагласи двата стратешки документа во кои Македонија е активно вклучена, а тоа се Стратегијата за иновации на Република Македонија 2012-2020, во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Регионалната стратегија за истражување и иновации, под покровителство на Регионалниот совет за истражување и Светска Банка како свој лидер. На овој начин, потенцира Павлески, ”во фокусот не се само гринфилд инвестициите, туку, исто така, со повеќе мерки се поддржуваат и мали и средни инвестиции поддржани од бизнис ангели и вложен ризичен капитал (venture capital) “ .
Во рамки на форумот се одржуваат панел дискусии на тема иновации, информатички технологии, енергетика и транспорт, каде збор ќе земат повеќе државни и европски институции, меѓународни организации, компании и инвеститори.