Битиќи: НИПП е основа за економски раст и општествен просперитет преку искористување на моќта на геопросторните податоци

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на годишната конференција по повод денот на НИПП (Националната инфраструктура на просторни податоци).

Во продолжение ви го испраќаме неговото интегрално обраќање.

„Ме радува фактот што оваа година конференцијата се подигна на уште едно повисоко ниво, со учество на гости од регионот, но и пошироко, што говори за содржински богатата агенда која успеа да го привлече интересот и надвор од нашата држава.

Основата на НИПП се податоците, а моќта која ја имаат геопросторните податоци благодарение на компонентата за географска локација, ги прави значен ресурс за секое општество.

Имајќи во вид дека Националната инфраструктура на просторни податоци овозможува меѓусебно комбинирање на податоците од различни извори и создавање на нови информации, нивната моќ станува уште поголема.

НИПП служи како основа за економски раст и општествен просперитет преку искористување на моќта на геопросторните податоци. Со интегрирање на податоци од различни извори, го олеснува стекнувањето на вредни сознанија од клучно значење за информирано донесување на одлуки и креирање на политики.

Преку НИПП воспоставивме технолошка, правна и административна рамка за меѓуинституционална соработка која ги поддржува иницијативите за е-влада и го овозможува интегрирањето на просторните податоци од различни извори во една мрежа

Ова богатство на информации не само што го поттикнува формулирањето на политиките, особено во решавањето на итни прашања, како климатските промени и урбаното загадување на воздухот, туку и ги поттикнува иновациите и претприемништвото. Малите и средни претпријатија имаат корист од пристапот до овие податоци, овозможувајќи им да развијат нови дигитални производи и услуги, да ја подобрат логистиката и да ги насочат јавните услуги, а со тоа да придонесат за севкупниот економски развој и општествената благосостојба. Ова е особено важно и од аспект на нивната конкурентност на домашниот, но и на меѓународните пазари, кои брзо се развиваат.

Почитувани,

Трендот на земјите членки на Европската Унија по однос на податоците е насочен кон отворање на податоците.

На нашата држава како земја кандидат за членка во Европската Унија и претстојат обврски за  транспонирање на директивата за отворени податоци во националното законодавство.

Покрај трендот на отворени податоци, иднината во развојот на НИПП треба да го земе предвид и европскиот концепт на „збирки на податоци со висока вредност“, како збирки на податоци кои имаат потенцијал да генерираат: значајни социо-економски или еколошки придобивки и иновативни услуги; да бидат користени од голем број корисници, особено мали и средни претпријатија; да помагаат во генерирањето на приходите; и да се комбинираат со други збирки на податоци.

Воведувањето концептот „датотека на податоци со висока вредност“ ќе биде разгледан и во нашите национални политики и програми за податоци, во кои секако ќе бидат вклучени и геопросторните податоци.

За имплементација на наведеното се потребни дигитални податоци.

За степенот на дигитализација на податоците со кои располагаат Субјектите во НИПП неколкупати сме говореле изминативе години, како на седниците на Советот на НИПП, така и за време на настаните НИПП ден.

За таа цел беше изменет и Законот за НИПП, заради продолжување на зададените рокови во кои требаше да се изврши целосна дигитализација на податоците. Полнењето на овој портал, претставува предизвик и е комплексен процес но не и недостижен. На НИПП порталот веќе се наоѓа голема база на податоци, но истата мора да се дополни и постојано да се надградува, бидејќи од истите бенефитите се многубројни.

Верувам во подготвеноста на Субјектите во НИПП за реализација на планот за дигитализација во законски зацртаните рокови, со што ќе се создадат услови, односно нови податоци за објавување на НИПП геопорталот.

Денешните презентации и размената на искуства со учесниците од регионот ќе имаат позитивно влијание во развојот на НИПП во нашата земја.

Почитувани, ви посакувам успешна конференција и благодарам на вниманието.“