Груевски: Успешна посетата на Русија

Премиерот Никола Груевски ја оцени како успешна повеќедневната посета на Руската Федерација, во рамки на која се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и посети четири области каде пред претставници на повеќе од 230 компании ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.

- Се на се можам да кажам дека заедно со вчерашната средба со претседателот на Руската Федерација Путин, на која, меѓу останато, отворивме разговори и за дополнителна либерализација на трговскиот режим што во иднина треба да го продлабочиме,  сметам дека имавме една доста успешна посета. Посетивме четири значајни области на Руската Федерација во кои што сретнавме и вршевме презентација пред околу 230 руски комапнии заинтересирани за правење бизнис во Македонија.

Со некои од нив имавме и засебни средби на кои што тие имаа посебни прашања што сакаа  да ги постават и  да дознаат детали за нив. Се сретнавме со губернаторите во сите овие четири области што исто така, е значајно како политички,   така и економски. Тие имаат огромно влијание помеѓу нивните стопанственици. Нивната порака ќе биде сигурно добредојдена меѓу стопанствениците и значајно, примена со внимание. Имавме одличен прием од нивна страна, разговори и ги поканивме тие да ја посетат набргу Македонија со поглема група бизнисмени и инвеститори, изјави премиерот Груевски.

Тој додаде дека и средбите со „Лукоил“, „Газпром“ и конечно средбата со рускиот претседател Путин беше на некој начин и врвот на оваа посета со која што се продлабочија економските и политичките релации со Руската Федерација и со најкрупните и најмоќни компании од Русија.