Груевски очекува новата грчка влада да биде посветена на решавањето на спорот за името
Премиерот Никола Груевски го поздрави составувањето на новата влада во Грција. Од неа очекува да биде посветена на решавањето на спорот за името и во тој процес да не ја користи како алиби финансиската криза со која се соочува.
- Ме радува што Грција успеа да го комплетира изборниот процес и да состави влада, и како наш сосед и како членка на еврозоната, зашто тоа беше предмет на стравувања и длабоки анализи во Европската унија за тоа што ќе се случи. Се надевам дека финансиската криза со која се соочува новата грчка влада нема да биде алиби за одбегнување да се вложат напори за да се најде решение за проблемот кој 21 година ги оптоварува двете држави. Се надевам и дека нема да ја користат како алиби за одолговлекување или избегнување за доаѓање до брзо и ефикасно решение кое ќе биде на задоволство на двете страни и, се разбира, на граѓаните на Република Македонија, рече Груевски, по посетата на болницата „8 Септември“.
Шефот на Владата и посака на новата влада на Грција што побрзо да ја надмине тешката финансиска и економска ситуација која, рече тој, силно се рефлектира врз сите земји во Европа и на земјите од регионот.