Отворен меѓународниот симпозизум „За македонските работи“

Дваесетина македонисти од Македонија и од странство учествуваат на дводневен меѓународен симпозиум на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ симболично насловен „За македонските работи“ според книгата на патронот на оваа национална установа.

Јазикот и уставното име на Република Македонија се во фокусот на научниот собир, а повод е нивното негирање. Претседателката на Организацискиот одбор Елка Јачева-Улчар рече дека идејата да се поканат лингвисти од светот кои ќе ја кажат научната вистина наспроти дневната политика се родила во октомври, кога Европската комисија во годишниот Извештај за напредокот на државата ја изостави придавката „македонски“.

- Македонците добија по којзнае кој пат удар пожежок од шлаканица зашто беше врз нивната душа, а тоа поттикнува на бунт и борба. Бидејќи татковината се брани со ум и разум, предложивме симпозиум со колегите-лингвисти од странство, непристрасни мислители, за да потврдат дека овде не живеат сеништа, туку луѓе со автентична култура и генијални книжевници кои товарт токму на тој јазик - македонски..., рече Јачева-Улчар.

Цитирајќи го Мисирков, директорката на Институтот Веселинка Лаброска рече дека грижата за јазикот не е само право, туку и долг кон предците и оти Македонците со  своите национални обележја се дел од светското семејство, а со карактеристиките на јазикот се дел од големото словенско семејство и од балканскиот јазичен сојуз.

Покровителот на симпозиумот, министерот за образование и наука Панче Кралев, рече дека странските македонисти се културни амбасадори на земјава. - Силата на научната мисла е таа што не познава граници, науката победува и тогаш кога таа не им одговара на центрите на моќта...Ја имаме целата интелектуална моќ на научниците кои со својата објективност и непристрасност ги рушат табуата за „избрани народи“, за монопол над топоними, за монопол над историјата... Нашата држава е основана на вложеното дело на многу наши предци и ниеден поединец нема право да ја обезличи и преименува, рече Кралев.

Претседателот на МАНУ Владо Камбовски  истакна дека покрај сета современа научна верификација за постоењето на македонскиот јазик од страна на најеминентни славистички и лингвистички кругови и со  илјадници научни трудови во светот, тој е спорен, како што рече,   само за луѓе кои го замислуваат светот како зелена маса на која во слободен стил се исцртуваат геостратешки карти и државни граници.

- Ненаучен и затоа и неприфатлив  е обидот македонскиот идентитет да се изведе и развие не врз основа на посебноста на јазикот и неговата функција на врзно ткиво или душа, како што вели Мисирков, на народната обичајност како вкупност на културното наследство - фолклор, историја, религија и традиција,  туку врз некои квазинаучни тези..., рече академик Камбовски.

Тој повика јазикот да се брани и дома, да се подигнат повеќекратно капацитетите на научните институции, бројот на истражувачи и обемот и квалитетот на научното творештво и негово претставување пред светската наука. За да се сопре, како што рече, стагнантниот процес, повеќекратно треба да се зголеми буџетот и државата да одговори на својата  уставна должност да го помага развојот на науката.

Учесниците на симпозиумот ги поздрави и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. - Иницијативата за овој симпозиум и придобивките од него уште еднаш ќе ја потврдат долговечноста на Македонија, Македонците и македонскиот јазик, рече таа, нагласувајќи дека грижата за јазикот е меѓу приоритетите на Владата кои резултираат со проекти како што е едицијата „130 тома македонска книжевност“.

На симпозиумот денеска и утре учествуваат македонисти од Франција, Словенија, Словачка, Полска, Чешка, Хрватска, Албанија и од Русија. Според деканот на Филолошкиот факултет Максим Каранфиловски, во Институтот и во исто време во Охрид, каде што е во тек Семинарот за македонски јазик, литература и култура, е собрана елитата на светската македонистика што, рече тој, е цврста подлога за науката за македонскиот јазик.