Изјавата на евроамбасадорот Орав валоризација на резултатите на Владата, смета Груевски

Изјавата на евроамбасадорот Аиво Орав за исполнувањето на целите од пристапниот дијалог на високо ниво на Македонија со Европската комисија ја одразува реалноста и претставува валоризација на работата на Владата, изјави денеска во Куманово премиерот Никола Груевски.

- Ние многу искрено работиме на овој процес. Европската унија прави напори да помогне и тоа го поздравуваме, посебно во последните неколку месеци. Тие напори ние ги гледаме и даваме уште толку од наша страна за да покажеме резултат и да придонесеме Македонија да оди напред. Посветени сме на процесот, даваме се што е во наша моќ и добро е што ЕУ позитивно гледа на тоа, рече премиерот Груевски по пуштањето во употреба на новата спортска сала средното училиште „Киро Бурназ“ во Куманово.

Тој посочи дека Европската комисија овој процес кој се води во рамки на пристапниот дијалог го следи многу одблиску.

- Никогаш поблиску ЕК не ги следела работите затоа што имаме многу чести средби во рамките на високиот пристапен дијалог и тоа директно од еврокомесарот Филе и од неговите најблиски соработници. Тие во детали ги гледаат нашите чекори и ги слушаат и анализираат нашите објаснувања за нашите политики, додаде Груевски, изразувајќи задоволство за валоризацијата на она што е сработено од наша страна, како што рече, искрено и максимално силно, посочи премиерот Никола Груевски.