МНР и врачи протестна нота на грчката амбасадорка Пападопулу

Министерството за надворешни работи попладнево на грчката амбасадорка во Македонија Александра Пападополу и врачи протестна нота во врска со случајот со лепењето налепници на новите регистарски таблички на возилата на македонските граѓани при влез во Грција и побара веднаш да прекине оваа, како што велат, нелегитимна пракса.

Како што соопштија извори од МНР, во нотата се посочува дека новите регистарски таблички се во согласност со стандардите на ЕУ и со меѓународно прифатените стандарди и оти поведението на Грција не е во согласност со обврските преземени со Времената спогодба.

Ваквото поведение на грчките погранични органи, се појаснува, е спротивно на Меморандумот за практични мерки од 1995 година кој се однесува на имплементацијата на Времената спогодба со кои се олеснува движењето на луѓе и стока. Согласно Меморандумот „при влезот на приватни возила во Република Грција грчките органи може на задното или предното ветробранско стакло да залепат налепница не поголема од посебната ознака во употреба за меѓународниот транспорт (овални налепници меѓународно стандардизирани)“. Меморандумот, посочуваат од МНР, не предвидува мерки во однос на регистарските таблички. Македонското МНР реагира и на употребата на акронимот ПЈРМ на лепенките што ги делат грчките царински органи, кој исто така не е во согласност со Времената спогодба.

Воедно, од МНР ја демантираат и денешната изјава на грчата амбасадорка дека  досега македонските власти не реагирале во однос на оваа воочена пракса, туку дека активно се преземаат мерки за решавање на овој проблем.

Министерството информира дека по реакциите на граѓани и пишувањата на медиумите, со допис од нашиот Конзулат во Солун од 22-ри овој месец, побарано е од грчките царински власти образложение за спорната практика со лепенките. Во одговорот, кој е добиен вчера, грчката страна навела дека лепењето налепници на возилата на македонските граѓани што имаат на регистарските таблици знак МК се применувало и се уште се применува врз основа на налог од грчкото Министерство за финансии и согласно договорот меѓу двете земји од септември 1995 година, односно на задниот слободен дел на стаклото од возилото.

Од МНР информираат дека и понатаму ќе ги следат случувањата и ќе преземат соодветни мерки.

Грчките гранични власти деновиве врз новите македонски регистарски таблички ставаат налепница со содржина „Признаено од Грција како ФИРОМ“ напишана на грчки и на англиски јазик, со која ја покриваат ознаката МК што стои на табличките, но и ознаката на градот, односно ги принудуваат македонските државјани тоа сами да го направат.