Мицкоски: Прогласувам мораториум на разговори на теми кои делат и ги злоупотребуваат етничките прашања, ги повикувам сите лидери да зборуваме за она што решава проблеми, економијата, образование, иновации

„Она што ме загрижува доколку се погледне големата слика е што постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Во таа смисла неодминливо е чувството дека не сите субјекти и политички чинители подеднакво посветени на нашата татковина, односно во наративите тие секогаш ќе ја почитуваат, но со делата кои ги ставаат на маса тие го прават токму спротивното. Затоа претходно ви говорев за единството врз кое се градеше Крушевскиот манифест кое денес се помалку го имаме, а е идеал за кој вреди секоја борба денес и затоа борбата мора да трае. И ова е политичкиот фолклор, иако во самата суштина мотивите за ваквото однесување кон татковината се еднакви на тоа како да е туѓа, а тие истите се наоѓаат во лични интереси и лукративни цели за жал кои се уште се присутни“, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешното чествување на големиот празник 2 Август Денот на Републиката - Илинден.
 
Премиерот Мицкоски порача дека нема да води разговори за теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања и ги повика сите лидери, субјекти да разговараат за она кое што е вистински важно за сите граѓани, како што е економијата, владеењето на правото, образованието, иновациите кои носат иднина.
 
„Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удопства стекнати на грбот на народот. И тука сето тоа го плаќаат заедно и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите и Бошњаците и сите граѓани. И кога така се расфрлаат со барања со кои удираат по државата, треба да се свесни дека и јас како лидер можам и во суштина имам барања кои лесно може да се извадат на маса, но дали тоа ќе ги реши суштинските проблеми на граѓаните. Дали тоа ќе донесе доверба едни кон други и дали тоа ќе обезбеди иднина за сите нас. А сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар. Не е поважно какво слово ќе има на парче хартија, од тоа каков живот има во реалноста. Не е поважно од тоа каков закон ќе има од тоа дали Липково, Желино, Тетово или Делчево има вода за пиење. И Македонците, и Албанците, и Турците, и Ромите, и Србите, и Власите, и Бошњаците и сите останати се вистински уморни од злоупотребата на нивните позиции и фактот што политички елити градат кариери на нивниот грб додека сите заедно делиме иста судбина. Затоа нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина. Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија. Ајде да отвориме дебата за економијата и како да ги решиме проблемите на граѓаните овде во Крушево, Гостивар, Дебар или Струмица и Прилеп, Кавадарци или Кичево. Подавам рака за решавање на проблеми, за конструктивни дијалози и за предлози како до подобар живот. Подавам рака за дијалог за економска, правна, чувствителна обнова за нашата заедничка Македонија. Еве ги слушам вашите предлози. Да обезбедиме единство за економска иднина“, порача Мицкоски.
 
Премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата има економска визија за развој на државата, за нови работни места за создавање на подобар живот и сигурна иднина.
 
„Така ќе го градиме единството и ќе создадеме иднина за сите. Имаме економска визија за развиена Македонија. Доаѓа нова ера на развој и на нови работни места. Ова е само почеток на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа. Нашата цел е да создадеме стабилна и просперитетна економија која ќе им овозможи на сите наши граѓани подобар живот и сигурна иднина“, истакна премиерот Мицкоски.