Почитувани членови на влада,
Почитувани претставници на медиумите,
Драги гости,
Ќе ми дозволите сега јас кратко да се обратам и да кажам неколку работи којшто мислам дека е многу важно да ги потенцираме за иднината но исто така ова се исклучително важни моменти кога после дена дистанца од 23 години од склучувањето на Рамковниот договор можеме да ги погледнеме работите со доза на објективност и да зборуваме за аспектите и придонесот на овој договор, но и предизвиците кои стојат пред нас.
Треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на овој договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак Рамковниот договор го донесе тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот. Од овој аспект мора да се разбере дека ова е заедничка татковина за сите, и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров, на права но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Тоа што сме различни по етничката можеби и по верска припадност нѐ не прави различни по потребите и приоритетите, а главна потреба на сите нас е подобриот живот. Имаме исти заеднички проблеми и затоа треба заеднички да нудиме решенија и да ги и да ги решаваме тие проблеми. Не можам да кажам дека сите придонесуваат можеби подеднакво во овој процес.
Но вистинското прашање е зошто тоа е така и кои се мотивите? Многу долго одредени политички елити Рамковниот договор, но и етничките права воопшто како такви ги користат како прекривка за прикривање на своите лични и најчесто лукративни интереси, но и фактот дека предолго и преинтензивно етничките теми се злоупотребуваат, се градат кариери во тоа име додека реалниот живот, животот на оние кои подеднакво го делат секојдневието како и сите останати граѓани е се потежок и се понесреќен. За одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар и се спроведува само под услов кога истите тие се на власт, веднаш потоа откако ќе бидат опозициска смислуваат критики и креативни решенија на негово надополнување но и различно читање во правата и обврските кои произлегуваат од него. Притоа заборавајќи колку е скапа цената на тој договор и дека тој договор меѓу другото е напишан и со многу страдања и жртви од сите страни и во извесна мера тоа е и непочит кон тие жртви кои ги има, ќе повторам од сите страни.
Кон темата меѓуетнички односи се однесуваат неодговорно затоа што најмалку внимание посветуваат на ова, колку што беа предани и фокусирани кон личните интереси, бизниси, тендери. Ова го користат како платформа за себе промоција, градење на кариери и бизнис коалиции. Тие наместо градители на меѓуетничките односи стануваат профитери од истите тие прашања. И кога зборат за европски вредности, знаете дека тогаш ги кршат највеќе. Колку пати овие луѓе сте ги забележале на терен кај реалниот човек да помогнат и да се запознаат со вистинскиот живот?
Вистинското прашање колку е денес задоволен обичниот Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак, и сите останати граѓани. Одбивам да навлегувам во етничките перипетии на поединци, ајде заедно да се мериме по тоа колку ќе го подобриме животот на граѓаните, и колку ќе понудиме решенија на тие проблеми. Денес патриотизмот не се мери по тоа колку знамиња ќе развиориме, колку статуси на социјални медиуми ќе напишеме или колку често ќе зборите за етнички теми или дилеми ќе наметнете, туку колку проблеми ќе решиме на терен и како ќе го подобриме животот. Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, но она што не е завршено и што мораме да се работиме тоа се реалните проблеми на нашите сограѓани. Јавноста не треба да паѓа во замката на нови и нови бесконечни етнички барања на партите кои сега се опозиција. Тие ја имаа својата шанса и времето го потрошија на лично богатење, и наместо да бидат посветени на борбата да победуваат за подобар живот на граѓаните, посилно образование, економија, повеќе пари за граѓаните, тие одлучија да градат за себе дворци, хациенди, да купуваат трговски центри, да злоупотребуваат сѐ што може да се злоупотреби.
Често пати ме прашуваат што е Христијан, за тебе патриотизам.
Патриотизам е кога ќе донесеме за еден месец три нови инвестиции, повеќе од половина милијарда евра за нашите сограѓани и тука нема етничка припадност ниту верска, ниту политичка. Патриотизам е кога ќе исплатиме повеќе од една милијарда денари од Буџетот заробени субвенции за нашите земјоделци. Патриотизам е кога ќе обезбедиме 350 милиони денари за оние вработени Национални шуми, во Водостопанство на Македонија пари за плати коишто изминативе четири месеци па и повеќе тие претходните коишто се денеска во опозиција заборавиле да им ги исплатат на овие луѓе. Патриотизам е кога ќе издвоите од Буџетот годишно 15 милијарди денари за инвестиции во инфраструктура во општините, и во сите општини. И тука нема само општини ВМРО-ДПМНЕ, нема општини коишто се дел од Коалицијата Влен, туку тука има и општини каде што има градоначалници и од другите политички партии или пак има градоначалници кои што се независни, односно се избрани од група на граѓани. И кога ќе направите нов водовод ќе, ќе направите нова канализација, кога ќе асфалтирате улица, кога ќе реновирате, училиште, градинка, кога ќе ги намалите листите за чекање во тие општини. Зошто е ова важно, тоа е важно затоа што болката на семејствата кога си одат нивите најблиски е голема и тука подеднакво боли солзата и на мајката Македонка, Албанка и на Ромка и на Турчинка и на Србинка и на Влаинка и на Босанка и на сите останати кои што се збогуваат од своите чеда. Таа солза и таа болка е подеднаква кај сите. Зошто? Затоа што тие тука едноставно не гледаат перспектива и не гледаат иднина и таа е нашата задача и таа е нашата цел. И тоа се современите и модерни патриоти кои што оваа болка и солза ќе ја намалат, односно таа нема да постои.
Изминативе 20 години некои од експертите добивам информации дека повеќе од 100 илјади Албанци се иселени од државата. Зошто ова го споменувам? Затоа што ако на тие 100 илјади Албанци додадете и стотици илјади други наши сограѓани тогаш ќе дојдете до дефиницијата што се случуваше изминативе 20 и повеќе години. Од оној оптимизам којшто го имавме во раните деведесетти ние денеска за жал полека но сигурно се претворивме во земја каде што граѓаните се разочарани од политичките елити. Оваа наша генерација, оваа наша Влада има ја има таа можност да тоа чувство го исправи да покажеме дека сме подготвени да одговориме на тој предизвик сите заедно и дека ќе одговориме позитивно, односно сета онаа фрустрација, сета онаа болка којашто е насобрана кај македонските граѓани без разлика на нивната политичка, етничка или верска припадност ќе исчезне после нашата жртва и работа во оваа наша заедничка Влада во којашто се составен дел Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ , Коалицијата Вреди или Влен и политичката партија ЗНАМ.
Да се обединиме околу темите и прашањата кои се заеднички и кои обединуваат. Гордоста и среќата е заедничка категорија за сите.
Пред некој ден излезе податок дека Македонија има најбрз Интернет во регионот и меѓу најдобрите во Европа, и тоа е заедничка придобивка на сите нас без разлика на етничката, партиската и верска припадност. Успесите на поединци се успеси на сите. Сите го паметиме и се радувавме на оној прекрасен гол од корнер на Шакири, на прекрасните игри на Енис Барди и на останатите репрезентативци, без разлика од која етничка и верска припадност се тие. Тие се борат да победи македонската репрезентација без разлика во кој спорт, во која дисциплина тие се натпреваруваат.
Ова е наша заедничка татковина, на сите нас и дом кој заедно треба да го градиме. Да работиме на довербата едни кон други и сигурен сум дека ќе успееме да направиме повеќе за секој еден човек.
Меѓуетничките односи се столб на нашето заедничко општество. Тие не се само правни обврски или политички договори; тие се жив процес кој постојано бара наша посветеност и ангажираност. Влогот во добрите меѓуетнички односи никогаш нема крај. Тоа е како возење велосипед – ако престанеме велосипедот ќе застане и патникот ќе падне. За да продолжиме напред, мораме да продолжиме да ги градиме и зајакнуваме тие односи, секој ден, без прекин. Ова е задача за сите нас.
Како што рече Мартин Лутер Кинг: „Неправдата на кое било место е закана за правдата насекаде.“ Ова ни напоменува дека правдата и мирот не можат да бидат остварени само со договори на хартија, туку преку нашата постојана работа за правата и достоинството на сите луѓе. Ќе повторам нашата постојана работа за правата и достоинството на сите луѓе.
Бог да ја благослови Македонија.