Мицкоски: За прв пат во историјата на независна македонска држава Владата и ЗЕЛС се партнери во многу процеси, бидејќи се тука да работат за интересот на граѓаните 

„Тие средства се предвидени во ребалансот и веќе на следната седница, која што ќе се случи сега во вторник, очекуваме овие средства почнат полека но сигурно да се користат за таа намена за која што се потребни, а тоа се за потребите на граѓаните преку општините“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со проектот за пренамена 250 милиони евра за општините.

Тој очекува Министерството за локална самоуправа наскоро да објави јавен повик на кој општините треба да аплицираат со проекти. 

„Очекувам Министерството за локална самоуправа час поскоро да објави јавен повик и на тој начин општините да аплицираат со проекти и тие проекти потоа да бидат финансирани преку најпрвин овие 6 милијарди денари кои што се дел од ребалансот, а потоа и со нови 15 милијарди денари кои што ќе бидат предвидени во новиот буџет“, рече Мицкоски.

Премиерот подвлече дека за прв пат во историјата на независна македонска држава, после повеќе од 20 години, Владата и ЗЕЛС потпишаа меморандум за соработка и на тој начин ќе бидат навистина партнери во многу процеси важни за граѓаните. Бидејќи според него, Владата и градоначалниците се тука да бидат слуги на граѓаните и да работат за интересот на граѓаните. 

„За прв пат во историјата на независна македонска држава имаме ваков тип на пристап помеѓу централната Влада и помеѓу општините. Впрочем, после повеќе од 20 години, заедно со ЗЕЛС, заедно со претседателот на ЗЕЛС излеговме пред јавноста и кажавме дека ова е историски момент кога прв пат Владата и ЗЕЛС ќе потпишат меморандум за соработка и на тој начин ќе бидат навистина партнери во многу процеси важни за граѓаните, бидејќи и Владата и градоначалниците се тука да бидат слуги на граѓаните и да работат за интересот на граѓаните“, истакна премиерот Мицкоски.