МИОА додели сертификати за напредни ИТ вештини на невработени лица

Невработени лица учесници во владините обуки за напредни ИТ вештини кои ги положија предвидените тестови денеска добија сертификати од Министерството за информатичко општество и администрација со коишто во иднина ќе конкурираат за вработување.

Тие се дел од 180 невработени лица со информатички познавања избрани да учествуваат во обуките преку конкурс од Агенцијата за вработување. Во тек на обуките што траеја од три  до шест месеци се стекнаа со инжинерски признаени титули во ИТ индустријата,  а ќе може да работат претежно како програмери и администратори. Десет од учесниците на обуките веќе добиле вработување во приватниот сектор и во државни институции.

- Сертификатите кои ги добиваат приватниот сектор ги  вреднува многу дури и повеќе од факултетските дипломи. Тоа се  познати сертификати и чија вредност е еднакво вреднувана во која било земја, истакна министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој ги додели сертификатите.

Според него, целта на обуките е да се овозможи надградба на знаењата на заинтерсираните граѓани заради поголеми можности за вработување и да се помогне на приватниот сектор.  -  Претходно приватниот сектор имаше предизвик со тоа што студентите кои излегуваа од факултетите беа одлични теоретичари, но многу слабо имаат практична настава и им претставуваше дополнителен  финансиски товар за да га испратат на исти вакви курсеви, но на нивен трошок, рече Ивановски.

Тој апелира до сите фирми  од приватниот сектор кои имаат дефицит од ИТ кадар да се обратат до Агенцијата за вработување за да добијат информации за сите кандидати кои ги положиле успешно тестовите.

- Ќе продолжиме со оваа програма затоа што во наредниот период Агенцијата за вработување има и програма со ИПА средства  со кои ќе има уште 164 нови обуки со слични теми, со што  годинава ќе биде заокружена бројка од 477  граѓани кои имаат можност годинава да следат напредни обуки со цел да се вработат, појасни Ивановски.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски информира дека на 5 јули завршува тендерот за избор на компанија што ќе ги обучува новите кандидати за обуки на ИТ вештини, за кои ќе биде објавен оглас на 20 август, а ќе трае до 10 септември.