Турски Курум холдинг избран за концесионер на „Тајмиште“, најавена инвестиција од 100 милиони евра и 500 вработувања

Турски Курум холдинг  е избран за концесионер на рудникот „Тајмиште“ во општина „Зајас“. Нивната понуда во вредност од 123 милиони  денари беше со највисок износ од шесте пристигнати на јавниот повик на Министерството за економија, одлучи Владата на последната седница.

- Според првичните разговори со претставниците на турската  компанија и она што го претставија во нивниот план планираната инвестиција за првите три-четири години е со износ од 100 милиони евра и отворање нови 500 работни места, информира денеска на прес-конференција министерот за економија Ваљон Сарачини.

На јавниот повик на Министерството за економија за избор на коцесионер  за експлоатација на руди на железо на локалитетот „Тајмиште“ се пријавија две турски компании, една норвешка,  една грчка и две домашни. Главен услов за добивање концесија беше највисоко понудената цена, а компаниите како предуслов доставуваат и  банкарска гаранција со која се гарантира изградба на фабрика за обработка на железо.

Сарачини најави дека договорот за концесија меѓу Министерството за економија и Курум холдинг ќе биде потпишан во наредните недели со што концесијата  ќе биде официјално доделена. Во тендерската документација  е  предвидено договорот да се потпише во рок од 30 дена од објавувањето на одлуката на Владата во „Службен весник“. 

- Услов во договорот ќе биде во рок од три години да биде изградена  фабриката за обработка на железо. Доколку инвеститорот не успее во рок од три години  да ја заврши фабриката  ќе му се активира банкарската гаранција која треба да ја достави пред потпишувањето на договорот. Од компанијата планираат во првите три-четири години да имаат околу 500 вработувања, но сметаат  оти тој број ќе биде уште поголем доколку се отворат две фабрики  како што планираат со нивните анализи. Сепак, останува тие податоци официјално да бидат соопштени кога ќе биде потпишан договорот, рече Сарачини.

Од  Курум холдинг, додаде, најавуваат дека е можно  да  почнат да се градат две фабрики паралелно  бидејќи веќе се присутни во овој бизнис во Турција и во Албанија.

Според Сарачини,  рудникот „Тајмиште“ ќе биде  меѓу најголемите за експлоатација на руди на железо  во Југоисточна Европа.  Инвестицијата ќе придонесе за развој не само на кичевскиот регион, туку и пошироко, а значајно е што  во иднина во општината секоја година ќе се слеат 78 проценти  парите што ќе се уплаќаат за концесискиот надомест, наведе министерот за економија. „Тајмиште“ располага со  околу 100 милиони тони геолошки резерви на руда и околу 80 милиони експлоатациски резерви.

Инвестицијата во „Тајмиште“, според  Сарачини, е резултат на состаноците на владиниот бизнис тим во тек на економските презентации на Македонија во Турција.