Мицкоски: Нередот во процесот на издавање на патните исправи и личните документи е целосно ставен под контрола, оваа Влада се грижи за интересите на граѓаните

„Можам, исто така, со задоволство да кажам дека нередот кој што беше пракса за минатата влада на СДСМ и ДУИ во процесот на издавање на патните исправи и личните документи е целосно ставен под контрола и сега во рамките на законските 15 дена граѓаните можат да ги добијат патните исправи и другите лични документи“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. 

„Од информациите коишто ги добивам од Министерството за внатрешни работи, некаде околу 1.740.000 патни исправи се издадени и некаде околу 1.440.000 лични карти и некаде околу 750.000 возачки дозволи“, информираше Мицкоски. 

Тој, исто така, предупреди дека рокот за возачките дозволи е до крајот на годината и додаде:

„Така што нема повеќе турканици, нема повеќе неред, нема повеќе понижување на македонските граѓани и сега веќе сé е во рамките на оние законски предвидени 15 дена. Тоа е уште еден доказ дека не се сите исти и дека принципот на раководење како до сега е во минатото и дека оваа Влада се грижи за интересите на граѓаните“.