Реонскиот центар во Аеродром со детска градинка од октомври

Детската градинка што се гради во Реонскиот центар во Аеродром треба да биде завршена до октомври годинава, најавија министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.

Според нив, со нејзината изградба ќе се растоварат постојните детски градинки во општината, кои во моментов згрижуваат поголем број деца од дозволениот.

- Со изградбата на овој објект ќе се создадат услови да се згрижат и децата кои во моментов не можат да бидат примени во градинките поради недостиг на слободни места. На овој начин ќе се растоварат и сите постоечки градинки во кои се згрижуваат деца во поголем број од дозволениот, рече градоначалникот на општина Аеродром.

Со ова се согласува и министерот Ристовски, според кого, потребата од нови слободни места за згрижување деца во општината Аеродром, меѓудругото, произлегува од големиот број млади брачни парови кои живеат во неа.

- Со тоа се зголемува и потребата од зајакнување на системот на згрижување деца во предучилишни установи. Со изградбата на новата градинка ќе се намали притисокот што го имаат градинките во општината, рече Ристовски додавајќи дека и натаму ќе се разгледуваат и користат сите можности за развовање на мрежата на градинки.

Во насока на подобрување на условите на згрижување на децата во градинките.,министерот за труд и социјална политика потсети и на измените што се прават во Законот за детска заштита.

- Една од најзначајните реформи е процесот на лиценцирање кој ќе биде воспоставен во овој Закон. Процесот на лиценцирање на целокупниот стручен кадар во градинките треба да започне до крајот на годинава. Нормално, ќе се имаат предвид годините на стаж и работа со деца од страна на воспитувачките и негувателките, рече Ристовски.

Тој додаде дека ќе се воспостави и систем на евидентирање и следење на состојбите во детските градинки. Системот, ече министерот, ќе овозможи родителите да имаат информации за се она што било карактеристично за нивните деца, кои му се сфери на интерес, колку и во што се ангажирало, кон што има афинитети, дали имало некој проблем... Податоците, додаде, родителите ќе ги добиваат по електронска пошта еднаш неделно.

Министерот Ристовски најави дека како Влада продолжуваат со реконструкција и изградба на нови градинки во повеќе општини во земјава.