Доделени 12 стипендии од Владата на студенти кои ќе учат на 100-те врвни универзитети во светот

На 12 студенти денеска во Владата  им беа  врачени договорите за стипендии за учебната 2012 - 2013 година, кои ќе студираат на 100-те највисоко рангирани универзитети во светот според Шангајската листа, избрани на конкурсот распишан од Министерството за образование и наука.

Договорите им ги врачи премиерот Никола Груевски кој потсети дека ова претставува реализирање на ветувањето на Владата дадено пред околу половина година оти ќе обезбеди стипендија за студирање на секој граѓанин на Македонија независно од неговата припадност којшто ќе успее да се запише на некој од стоте најдобри универзитети во светот или  на 200-те највисоко рангирани во областа на техничките науки.

- Ние во тој момент не знаевме колку ќе бидат прифатени, дадовме можност за секој граѓанин којшто ќе успее да биде запишан, да му ја обезбедиме таа стипендија за школување, за престој, пат итн. Поминаа шест месеци, имаше огласи, имаше и телевизиски спотови за што повеќе информацијата да стигне до секој заинтересиран и на крајот 14 добија упис од коишто двајца се откажаа. Од нив 12 дојдоа да ја искористат стипендијата. За овие стипендисти се обезбедни средства во буџетот на Министерството за образование и наука, рече Груевски.

Најави дека оваа пракса ќе продолжи и во наредните години со што Македонија ќе добие сериозен потенцијал на млади високообразовани луѓе со многу знаење, искуство и со висока самодоверба. Особено ги издвои стекнувањето мноштво контакти затоа што на тие универзитети учат талентирани студенти кои ќе бидат идни претседатели на глобални компании, на мултинационални компании, а кои ќе може да ги искористат подоцна во корист на Македонија независно дали овие луѓе ќе работат во јавен или во приватен сектор.

- Секоја година ќе овозможуваме на младите, луѓе коишто имаат амбиција, но и знаење и капацитет да бидат примени на еден од највисоко рангираните универзитети во светот, а немаат пари тоа да го платат, да отидат со поддршка на државата, да го завршат универзитетот. Дополнително им се дава и можност доколку успеат да се вработат во некоја од врвните 500 компании од листата на Форбс да останат уште три години таму, а да немаат обврска да ги враќаат парите  како што е зацртано нели доколку се вратат во Македонија, посочи Груевски.

Министерот за образование и наука Панче Кралев кој присуствуваше на настанот појасни дека изборот на стипендистите е направен од Комисијата за избор од мноштвото кандидати за студирање во стрнство во учебната 2012 - 2013 година. Од 12-те стипендисти девет ќе го продолжат школувањето во втор циклус на студии. Од нив тројца во техничките науки, петмина во општествените и еден во медицинските науки. Тројца, пак ќе образуваат во прв циклус и тоа два во областа на општествените науки и еден во технички науки. Највисоката годишна стипендија изнесува 14 илјади фунти на универзитетот во Лондон, а најниската 500 евра за студирање на еден од универзитетите во Франција.