Груевски: Чест е да се биде на спротивна страна од Бранко и Љубчо, ќе ги поразиме

Најавата за непринципиелна коалиција меѓу лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски и на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски е само обид да се вратат на власт, но граѓаните ќе им покажат дека нема враќање назад. Ќе ми биде драго во идниот период да бидам на чело на граѓаните коишто на едниот ќе му покажат дека нема враќање назад, а другиот ќе го испратат кај првиот, рече премиерот Никола Груевски коментирајќи ја вчерашната средба на Црвенковски и Георгиевски.

- Јас би рекол една слика илјада зборови. Погледнете ја сликата и не знам дали има нешто да се коментира. Јас утрово погледнав една слика на еден дневен весник каде што се сликале заедно, очигледно била специјална фото сесија во која што гледаме едно поразвеселно лице и еден тажен човек. Кај развеселениот има некоја надеж дека ова ќе го врати во политиката бидејќи е исфрлен пред повеќе години. Тажниот мислам дека на некој начин е свесен дека ова нема да му помогне да не ја заврши катастрофално својата кариера иако прави очајнички обид да го спречи тоа, вели премиерот Груевски.

Тој коментирајќи ја нивната изјава дека државата била во криза и затоа се обединиле правејќи ваква непринципиелна коалиција, ја оцени како криза на нив самите и порив за власт.

- Проблемот е нивната криза, кризата за власт, кризата за моќ, кризата за фотелји, кризата за она што граѓаните им го дадоа и го злоупотребија и граѓаните им го одземаа. Тоа е нивната криза. Мене ми е драго што сум на спротивната страна на овие двајца луѓе и на нивните вредности. Ќе ми биде драго во идниот период да бидам на чело на граѓаните коишто на едниот ќе му покажат дека нема враќање назад, а другиот ќе го испратат кај првиот, рече премиерот Никола Груевски по доделувањето на договорите за стипендирање на 12 студенти на 100-те најдобро рангирани универзитети во светот според Шангајската листа.