Ристовски: Поцелосно уредување на личните односи на дете со родител со кого не живее заедно
Потребно е поцелосно уредување на личните односи на дете со родител со кого не живее заедно, на тој начин што секое нереализирано видување поради болест или друга причина, ќе се предвиди да се реализира наредниот ден, односно викенд во зависност од утврдената динамика на одржување на личните односи.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој укажа дека врз основа на сознанијата за евидентирани случаи на непочитување на решенијата на центрите за социјална работа со кои се уредуваат личните односи на детето со родителот со кого не живее заедно, Министерството доставило писмена инструкција до сите 30 центри за социјална работа за преземање дополнителни стручни напори за надминување на овие состојби.
- Ваквиот приод на регулирање на личните односи на дете со родител со кого не живее заедно, треба експлицитно да биде наведен во диспозитивот на решението за видување, така што странките ќе се задолжат за реализација на пропуштениот темин за видување во првиот нареден ден или викенд, без притоа да се нарушува воспоставената динамика на личните контакти, посочи Ристовски.
На овој начин, укажа тој, се исклучува секаква можност на произволно читање на одредбите, но се исклучува и можност на злоупотреба на родителско право.
Ристовски ги повика родителите кои се раздвоени да не ги злоупотребуваат децата за лични и меѓусебни борби во нивните нарушени односи, и да не забораваат дека како биолошки родители се уште имаат законски, морални, но пред се родителски обврски кон децата.
- Со овие инструкции, регулирањето на личните односи на дете со родител со кого не живее заедно е во согласност со Законот за семејство, а особено од аспект на остварување на најдобриот интерес на децата и обезбедува продолжување и продлабочување на врската родител-дете. Како Влада и како Министерство остануваме на заложбите да работиме исклучиво во интерес на децата и кога е потребно да ги заштитиме и од самите родители, додаде Ристовски.