Министерката за култура Канческа-Милевска ја посети Струга

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се запозна со активностите, проблемите и прокетите на националните институции од областа на културата во Струга и оствари средба со директорите на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, на Струшките вечери на поезијата и на Музејот.

Во рамки на престојот во Струга министерката ја посети и црквата „Св. Ѓорѓија“ каде најави дека по повод претстојниот јубилеј во 2015 година, 700 години од постоењето и 180 од возобнувувањето, ресорното Министерство и Владата ќе пристапат кон конзервација на целиот фреско-живопис во црквата.

- Направени се сонди на неколку места со цел да се утврди технологијата на работа на конзервацијата, бидејќи се работи за фреско-живопис од 19 век и навистина треба голема посветеност, рече Канческа-Милевска, посочувајќи дека целата козервација на фреско-живописот очекува да заврши до 2015 година.

Министерката истакна дека интензивно се работи и на проектот за подводните истражувања на археолошкиот локалитет Врбник.

- Идејата е се она што ќе се најде во тие подводни археолошки истражувања да биде изложено во еден музеј на вода на истекот од реката Црн Дрим. Подводна археологија нема само во Охрид, има и во Струга и пронајдените предмети ќе бидат изложени во еден музеј во центарот на Струга, нагласи Канческа-Милевска.

Прашана за став за крадењето на плочките со имињата од лауреатите на Струшките вечери на поезијата, ресорната министерка рече дека тоа зависи од свеста на народот и какво е значењето на личностите и на културата и културното наследство кај нив.

- Се гордееме со тие личности, тие се дел од нашатат историја, дел од нашиот идентитет и културно наследство, не само плчките, туку и крадењето икони од црквите. Може се да се направи, да се постават алармни системи, но се зависи од самите нас како го вреднуваме тоа и каква почит имаме кон него, рече Канческа-Милевска и апелира сите граѓаните заеднички да се вклучат во зачувувањето на се што е вредно во Македонија.