Почитувани претставници на медиумите,
Дозволете ми да ја претставам работата на Кабинетот во првите 100 дена од Владата.
Како и во случајот со работата на Владата воопшто, дури и во сферата на зголемување на транспарентноста и доброто владеење, се соочивме со различни предизвици наследувајќи институции во катастрофална состојба поради лошото владеење и злоупотребата на јавните ресурси. Над 200 милиони евра непланирани трошоци во државниот буџет, наследени долгови во секој ресор, како во образованието и здравството, за изградба на патишта, обврски кон земјоделците итн. Сретнавме состојба каде буџетот беше потрошен со стапка од 71% за првите шест месеци од годинава. Потсетуваме дека оваа мрачна реалност, не ја истакнуваме за да се оправдаме, туку да потсетиме од која точка почнавме. Во ноември се објавува јавниот оглас за избор на нови членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор, со задача да ја координираат и продлабочат оваа соработка. Во координација со Генералниот секретаријат на Владата и граѓанското општество, во подготовка е и новата Стратегија за граѓанско општество.
Покажавме цврста и искрена волја за директно и активно вклучување на граѓанскиот сектор во одлучувањето во Владата. На мој предлог, Владата одлучи да вклучи претставник од граѓанското општество во новиот состав на Меѓуресорското тело за координација на антикорупциските активности. Овој претставник ќе се номинира од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и ќе има право на глас .
Измени во Акцискиот план за транспарентност, во однос на роковите и институциите надлежни за спроведување на активностите од планот, беа наметнати поради измените во Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на криминални средства, подготвена со помош на германскиот ГИЗ, веќе е во владина процедура. Овој документ ќе овозможи јакнење на капацитетите и подобрување на координацијата на работата на институциите во следењето на перење пари, откривање на скриен имот како и конфискација на противправен имот.
Спроведувањето на стратегијата ќе придонесе судските постапки да бидат крунисани со конфискација на незаконски имот, подигајќи ја борбата против криминалот и корупцијата на повисоко ниво. Дополнително, нејзиното спроведување ќе влијае и на зголемување на довербата на граѓаните во институциите испраќајќи јасна порака дека криминалот не се исплаќа. Во однос на Стратегијата за спречување на корупција и судир на интереси 2021-2025 година, согласно препораките на ГРЕКО на Советот на Европа, одлучено е институциите да назначат лице одговорно за прифаќање подароци од функционери и нивното управување.
На наша иницијатива и врз основа на препораките на Државниот завод за ревизија, Владата донесе одлука за формирање на Работна група која ќе има задача да изготви решение за воведување на Регистарот за евидентирање на сите недвижности на државата. Недвижниот имот на државата никогаш досега не бил евидентиран и тоа претставува голем ризик за злоупотреби. Среќен сум што работната група ќе почне со работа деновиве. Дополнителни средства ќе бидат обезбедени и за Јавното обвинителство и другите органи од правосудниот сектор за да се овозможаат нови вработувања, подобрување на инфраструктурата и дополнителни активности за поефикасна борба против корупцијата.
Како Влада најдовме законско решение против злоупотребата на службените автомобили, појава која беше многу присутна во претходната власт. Над 1.500 службени автомобили ќе носат специјални таблички, со посебен број и боја, што ќе им овозможи на граѓаните полесно да ги идентификуваат и пријават можните злоупотреби на службените автомобили.
Исто така, бевме активни во работни групи за составување на различни правни иницијативи и разни владини документи, кои влијаат на доброто владеење, владеењето на правото и борбата против корупцијата. На пример, мојот Кабинет активно учествува во подготовката на Предлог-закон за антикорупција кој ќе ни овозможи да ја подигнеме борбата против оваа епидемија на повисоко ниво.
Посебно внимание посветив на воспоставување соработка со амбасадите на земјите партнери и меѓународните организации. Од бројните средби со амбасадори на пријателски земји и агенции на ОН, произлегоа конкретни предлози за соработка и поддршка на бројни проекти во областа на доброто владеење, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Како што напоменав, покрај соработката со германскиот ГИЗ, воспоставивме блиска соработка и со Меѓународниот републикански институт за реализација на различни проекти кои ќе помогнат во спроведување на нашите приоритети за зголемување на транспарентноста. ИРИ ќе не поддржи во изработката на Планот за добро владеење за 2025 година.
Како и во овие 100 дена, така и во иднина ќе бидам целосно посветен на спроведувањето на главните приоритети на Владата, како што се транспарентноста и отчетноста, борбата против корупцијата, рефромската агенда и вклучувањето на граѓанското општество во одлучувањето.
Работата од првите 100 дена на Владата покажа дека вредеше да се ослободиме од лошата и неодговорна власт како онаа на ДУИ, која за 22 години лошо владеење вгради корупција од епидемиски размери и систематско заробување на државата.
Се случи големата промена.
Сега сме уште повеќе посветени од кога било порано да работиме посветено промената да биде опиплива за граѓаните!
Ви благодариме за вниманието!