Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ оствари работна средба со претставници на Форумот на немнозински заедници, на која беше запознаен со начинот на работа, но и проблемите со кои се соочуваат помалите етнички заедници.
„Проблемите ни се заеднички затоа и настапуваме заедно, сметаме дека само здружени можеме да дојдеме до подобри резултати“, велат од Форумот, формиран минатата година, а со единствена цел – градење механизми за јакнење на соработката на граѓанскиот сектор и институциите на државата и намалување на социо-економската поларизираност на локално и национално ниво. Под капата на Форумот се повеќе од 15 граѓански организации од сите уставно признати заедници.
Тема на разговор на средбата освен досега сработеното беше и тоа во која насока ќе продолжи работата по однос на малцинските прашања, со посебен акцент на адресирањето на малцинските проблеми низ системот.
Потпретседателот и министер Стоилковиќ ги запозна претставниците на Форумот со идните планови на Министерството за односи меѓу заедниците по однос на овие прашања и откри дека МОЗ е подготвено во текот на следната година, согласно планот за работа, и помалите етнички заедници да добијат поддршка и да бидат вклучени во процесите со цел, како што истакна, да се чувствуваат како рамноправни жители на оваа земја. Заклучокот од средбата беше дека постојат и можности и расположение за работа, како и дека веќе следната година ќе им се дадат и простор и средства на помалите етнички заедници.
Со почит,