Филков од Будвa: Потребни се напори во изнаоѓање на решенија кои ќе соодветствуваат на развојот на дигиталната технологија vis a vis зајакнувањето на правосудниот систем

Министерот за правда Игор Филков учествуваше на дводневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржува во Будва.

На форумот беше реафирмирана силната регионална посветеност и блиската соработка за правда и за внатрешни работи.

Европската унија и Западен Балкан разговараа за неодамнешните случувања во врска со дигитализацијата на правдата и остварија размена на мислења за можностите и главните предизвици на потенцијалот за користење на интероперабилни решенија и нови дигитални технологии, вклучително и вештачката интелигенција. Европската унија обезбеди ажурирање за тековните дискусии во ЕУ, меѓу другото и за напорите за дигитализација на правосудните системи и за електронските докази. Учесниците беа информирани и за Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото.

На вториот ден од форумот посветен на правда, министерот Игор Филков во своето обраќање се осврна на две теми „Правдатa во дигитална ера” како и „Прекуграничната соработка во кривичната материја помеѓу партнерите од Западен Балкан”.

„Со оглед на огромното значење на дигитализацијата во 21 век, евидентно е дека е нужно да се изнајдат начини како да се воспостави е-правда која пред се ќе биде инфраструктурно поддржана, но и во функција на остварување на загарантираните човекови права и владеењето на правото. Заради тоа, потребни се напори во изнаоѓање на решенија кои ќе соодветствуваат на развојот на дигиталната технологија vis a vis зајакнувањето на правосудниот систем.

Република Северна Македонија ги препозна предизвиците и можностите кои доаѓаат со дигиталната трансформација, што е и пресликано во Национална Стратегија за информатичко-комуникациска технологија 2023-2027. Во делот на правдата, во рамките на Министерството за правда е развиена Стратегија за дигитализација во правосудството за периодот 2019-2024.

Секако, во оваа транзиција се соочуваме и со многу предизвици. Потребни се дополнителни инвестиции во технолошка опрема и обука на кадрите, за што несомнено е потребна финансиска и инфраструктурна поддршка.

Неопходно е и да се осигураме дека сајбер-безбедноста е на највисоко ниво, за да ги заштитиме податоците и правата на сите граѓани”, рече министерот Филков.

Министерот за правда Игор Филков се осврна и на прекуграничната соработка во кривичната материја. Посебен акцент беше ставен на законските измени за заштитата на правата на жртвите во прекугранични случаи, надоместокот на штета како и соработката на нашата држава преку Европравда.

На маргините на дводневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржа во Будва, министерот за правда Игор Филков оствари три билатерални средби, со Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и со министрите за правда на Унгарија, Бенце Тузсон и на Црна Гора, Бојан Божовиќ.