Канческа – Милевска отвори сувенирница и ја посети црквата „Св. Пророк Илија“ во Дојран

Сувенирница во монтажен објект денеска е отворена и во Дојран и со неа ќе стопанисува Музејот Гевгелија. Таа е една од 20-те унифицирани објекти кои Министерството за култура ги отвора низ Македонија, а од кои пет се во Скопје.

Сувенирницата во која посетителите на Дојран ќе може да купат копии од артефакти од богатото културно наследство на Македонија, а меѓу нив и автентични од гевгелискиот крај, денеска ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

- Го поставивме седмиот објект од планираните 20 туристичко-информативни пунктови. Дојран заслужува да има ваков објект што е од големо значење за сите што доаѓаат во ова туристичко место да се запознаат со нашето културно наследство и со себе да понесат вреден сувенир или да најдат брошура и туристички информатор за места што може да ги посетат, изјави Канческа – Милевска.

Со градоначалникот на Дојран Глигор Чабулев таа ја посети и црквата „Св. Пророк Илија“ изградена во 1848 година од македонски градители предводени од Андреја Дамјанов, а уништена во 1916 при бомбардирањето на Дојран во Првата светска војна. Археолошките истражувања кои се континуирани од 2009 година откриле дека под иконостасот на црквата имало ранохристијански камени фрагменти што укажува или дека таа лежи на постар објект или дека при изградбата во 19 век во неа биле вградени од некои околни археолошки локалитети.

Во моментов со мермерни плочи се возобновува оригиналниот под на пространата црква со цел да и се врати автентичниот изглед. Се интервенира и на столбовите со идеја објектот целосно да биде возобновен до 2016 кога ќе бидат 100 години од неговото уништување. Тогаш ќе биде оспособена и за црковни служби.

Славица Тасева од Музејот во Струмица, кој ги врши истражувањата, рече дека бомбардирањето ја нарушило нејзината архитектонска концепција.

- Имаме податоци за оригиналниот под, за изгледот на иконостасот и воопшто за црквата, така што се надеваме дека ќе ја доловиме амбиентално и конструкциски и ќе ја пуштиме во употреба. Ќе добиеме еден преубав објект кој ќе го покажува и прикажува историјатот на овој град, изјави Тасева.

Министерката Канческа – Милевска рече дека црквата има голема историска и културна вредност зашто светецот Илија е заштитник на Дојран.

- Стручните лица од Завод и Музеј Струмица во изминатиов период активно работеа на археолошки ископувања, на конзервации и реставрација на ѕидовите. Покривната конструкција е завршена, а во фаза е поставување на подот. Се работи на довршување на иконостасот и олтарот каде што ќе бидат поставени пронајдените камени фрагменти. Очекуваме за брзо време објектот да биде завршен, рече министерката за култура.

Храмот во минатото бил многу посетуван и забележан во многу патописи. Во него службувал владиката Партение Зографски, а е поврзан и со работата на просветителот и печатар Теодосиј Синаитски.

Градоначалникот на општината со околу 3.600 жители, Чабулев рече дека иницијативите со поддршка на Министерството за култура ќе го промовираат културниот потенцијал на Дојран. Таму е при крај и изградба на музеј за Првата светска војна кој се очекува да биде пуштен оваа година, а во ова туристичко место се прави и летна сцена за културни настани.