Со 40 нови мерки од Регулаторната гилотина до олеснување на работата на малите компании

Со 40 мерки кои ќе бидат опфатени во четвртата фаза од Регулаторната гилотина ќе се поедностават процедурите и ќе се олесни работата со која се соочуваат малите компании.

Станува збор за поголема група мерки од кои дел се однесуваат на даночните олеснувања и на тарифните броеви, а со дел од нив ќе им се овозможи на претприемачите поедноставно да комуницираат со институциите. Има и мерки кои се во насока на тоа Централниот регистар да издава еден документ за сите потреби на претприемачите и мерки со кои ќе се овозможи спојување на градежни парцели во една со цел да може приватните  градежни компании побрзо да градат.

Поголем дел од мерките се со рок на реализација до октомври годинава, а дел од нив ќе треба да се спроведат до 31 јуни 2013 година.

- Владата на Република Македонија неодамна го усвои Акцискиот план и по него ќе се следи реализацијата на мерките, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, чие Министерство е задолжено за реализација на оваа фаза од Регулаторната гилотина.

Пакетот од 40 мерки е избран од 109-те предлози на компаниите. - Од сите апликации што беа испратени до 250 компании низ државата и од предлозите кои беа дадени на средбите во 15 општини беа прифатени 40 мерки, нагласи Ивановски.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Златко Калеников напомена дека во оваа фаза се таргетирани малите претпријатија, но оти има и многу мерки насочени кон потребите на граѓаните.

- Оваа фаза на регулаторна гилотина опфаќа мерки во сите ресорни министерства кои треба да ја олеснат работата на малите претпријатија, односно да ги укинат проблемите со кои тие се соочуваат, истакна Калеников.

Првата фаза од проектот „Регулаторна гилотина“ е 100 отсто реализиран, втората фаза е со 74 отсто, а третата со 73 отсто реализација.