Продолжува соработката меѓу Македонија и регионот Долна Нормандија

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта и заменик претседателот на регионот Долна Нормандија Корин Фере денеска потпишаа Спогодба за продолжување на соработката меѓу Министерството за локална самоуправа на Република Македонија и регионот Долна Нормандија, Франција.

Дигитални технологии и медиуми, попис на културното наследство, туризам, млади, локално и европско граѓанство, културни политики и развој на земјоделството се областите во кои досега се одвиваше соработката меѓу Македонија и регионот Долна Нормандија. Во иднина соработката во овие области ќе се интензивира, ќе се работи и на човекови права.

Бејта потсети дека првиот договор меѓу Македонија и регионот Долна Нормандија е потпишан во октомври во 2009 година.

Според него,  Македонија треба да го искористи француското искуство, бидејќи, како што рече, од тоа корист ќе имаат државата и македонските граѓани.

Главна цел, како што рече, во нашата држава е развој на децентрализацијата. Бејта потсети на Законот за рамномерен регионален развој од 2007 година, со кој Македонија има осум региони, за кои изрази надеж дека ќе се развиваат како регионите во Франција, особено како регионот Долна Нормандија. 

- Ќе формираме работна група која ќе соработува со администрацијата на Долна Нормандија. Нашата цел е еден ден Македонија да биде рамноправен член на ЕУ, истакна Бејта.

Фере изрази задоволство што партнерството  меѓу регионот Долна Нормандија и Македонија продолжува и што се повеќе се зајакнува од година во година. 

- Договорот за соработка предвидува повеќе активности, посебно на полето на децентрализацијата и пренесување на искуства кои ги спроведуваме заедно со вас во корист на граѓаните на Македонија, изјави Фере.

Градовите Струга, Охрид, Дебар, Вевчани, Берово, Карпош, Крушево и Велес се збратимени со градови од регионот Долна Нормандија.