Министерот Димовски во работна посета на Валандово и на Богданци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопантво Љупчо Димовски денеска беше во работна посета на Валандово и на Богданци.

Во Валандово министерот Димовски ја посети фабриката за производство на конзервирано овошје и зеленчук „Дим Комерц“, чие целокупно производство е наменето за извоз на странските пазари, особено во земјите на ЕУ. Со сопственикот на фабриката, Тихомир Донев, министерот Димовски разговараше за актуелните прашања кои ги засегаат сите компании во преработувачкиот сектор, за новите владини мерки во делот на земјоделието, за условите на работа и особено за поддршката што овој сектор ќе ја добие од Владата во заедничкиот маркетинг настап на странските пазари.

- Министерството за земјоделство и Владата посветуваат особено внимание на сите компании во преработувачкиот сектор.Сметаме дека овој сектор е битен воопшто за целото македонско земјоделство, посебно за производителите на раноградинарски производи. Радува Фактот што и во Македонија овој сектор се повеќе се развива за што најдобар пример е фирмата што денеска ја посетив.Овој сектор претставува катализатор за произведените пазарни вишоци на земјоделски производи кои во одреден период пазарот не може да ги апсорбира. Токму затоа е од голема важност и постојано ќе му се посветува внимание со цел да се надминат сите досегашни бариери во неговиот понатамошен развој, изјави министерот Димовски по средбата со сопственикот на „Дим Комерц“.

Во Богданци министерот за земјоделство Љупчо Димовски ги посети оранжериите на „Баџо“, фирма специјализирана за производство на раноградинарски производи кои секогаш меѓу првите се појавуваат на домашниот пазар.