Мисајловски во Тирана: Успехот на САД – Јадранската повелба е доказ за заедничката посветеност на регионалната безбедност и стабилност

„Дискусиите на овој министерски состанок на САД – Јадранската повелба се доказ за нашата силна посветеност во унапредувањето на безбедносната соработка и промовирањето на мир, стабилност и добрососедски односи во нашиот регион“, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски кој денеска (4 декември) учествува на министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Тирана.

Министерот на работните сесии на состанокот порача дека од најголема важност за зацврстувањето на регионалната безбедност и стабилност е политичко-воената соработка на земјите од Балканот и посветеноста на земјите од Југоисточна Европа кон европските и евроатлантските интегративни процеси.  Соработката во рамките на групата А5, рече Мисајловски, е практична и испраќа јасна порака дека нашите народи сакаат да живеат во мир, безбедност и стабилност. САД – Јадранската повелба ја нарече успешен форум за консултации помеѓу земји со заеднички демократски вредности.

Мисајловски повика на прагматичност во однос на можностите за заеднички активности, особено во справувањето со хибридните и сајбер закани, кризниот менаџмент и справувањето со разни природни непогоди. Во однос на идните активности, министерот посочи дека земјите-членки треба да продолжат со напорите за идентификување на нови можности за соработка, споменувајќи ги областите како градење на отпорност и сајбер одбрана.

Исполнувањето на Акцискиот план на САД – Јадранската повелба за 2024 година во една комплексна безбедносна состојба, рече, ја рефлектира нашата одлучност во проширувањето на опсегот на заедничката соработка.

Министерот Мисајловски заедно со останатите претставници од земјите членки на А5 потпишаа заедничка изјава по состанокот.

На маргините на министерскиот состанок, министерот Мисајловски попладнево ќе има одвоени средби со неговиот албански колега, министерот Пиро Венгу и со помошничката секретар за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Селест Валандер.

САД – Јадранската повелба е основана со Повелбата за партнерство помеѓу нашата земја, САД, Албанија и Хрватска во 2003 година. Во форматот А-5 постои од 2009 година кога кон Повелбата се приклучуваат и Црна Гора и Босна и Херцеговина. Земји-набљудувачи на А-5 се Словенија, Косово и Србија. Целта на оваа иницијатива е заеднички и координиран пристап кон исполнување на критериумите и стандардите на НАТО, унапредување на соработката во Југоисточна Европа и зацврстување на мирот, демократијата, стабилноста во регионот.