Презентирани предлог измените на Законот за заштита на децата

Воведување нова форма на згрижување, воспитание и образование на деца од претшколска возраст - Центар за ран детски развој, лиценцирање на стручниот кадар и директорите во градинките, следење на присутноста на децата и кадарот во градинките, како и воведување електронско досие за децата со информации за нивните активности и афинитети или евентуални проблеми, предвидуваат измените на законот за Заштита на децата што ги презентираше денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Ристовски појасни дека една од позначајните новини е процесот на лиценцирање на целокупниот стручен кадар во градинките, што треба да почне до крајот на годинава, а ќе се спроведува преку полагање испити. 

Неопходно е, рече Ристовски, стручниот кадар да се усогласи со новото време, бидејќи, како што истакна, едно било да се воспитува и згрижува дете пред триесеттина години, а сосема се други околностите сега. Испит е предвиден и за оние кои сакаат да бидат директори.

Министерот за труд и социајлна политика појасни дека ќе се воспостави систем на евидентирање и следење на состојбите во детските градинки, како и на присутноста на децата и кадарот, како една од, како што нагласи, позначајните измени.

- Исто така ќе биде воведено и електронско досие за секое дете во кое ќе биде содржан целиот индивидулен план за работа врз основа на потенцијалите на детето. Секој ден ќе се бележат достигнувањата и потешкотиите со кои детето се соочило, а родителите за тоа ќе бидат известени на крајот на работната недела, рече Ристовски.

Измените на Законот предвидуваат и воведување инспекциски надзор на градинските со цел да се утврди дали стручната работа за згрижување, воспитување и образование на децата се проведува врз основа бна современи научни и стручни методи и достигнувања за тој вид дејност и дали тоа се организаира на најефикасен начин.