Андоновски: Новиот Uslugi.gov.mk ги доближува административните услуги до граѓаните како никогаш до сега

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски се обрати на мултимедијалниот настан: „Национален Портал за електронски услуги: нов изглед, нови електронски услуги“, каде што го претстави целосно новиот изглед на Националниот портал за услуги – Uslugi.gov.mk

„Наследивме портал кој, според податоците од Државниот завод за ревизија, просечно испорачуваше помалку од една услуга по корисник, со помалку од 120 илјади активни корисници. Македонија е 84та според Индексот на ОН за дигитализираност од 190 држави, со пад од 30 места споредено со 2010 година. Пред нас се Србија, Грција, Црна Гора, Албанија, Белорусија, Монголија, Молдавија.”, изјави Андоновски

„Новиот uslugi.gov.mk е целосно трансформиран за да одговори на потребите на граѓаните. Фактот што успеавме за помалку од три месеци да постигнеме ваква темелна трансформација е доказ дека кога постои јасна визија, професионален пристап и многу напорна работа, можеме да постигнеме резултати.“, дополни Андоновски.

Министерот Андоновски ги анализираше новите функционалности на редизајнираниот портал, како што е целосното ново корисничко искуство, надграден пребарувач кој ги прави услугите достапни на еден клик до граѓаните и компаниите, прибирање на фидбек од граѓаните за нивното искуство и презентирање на новите услуги кои се достапни на порталот. Андоновски особено се задржа на пристапноста на Порталот за лицата со попречености.

„Следејќи ги најновите правила на Светскиот мрежен конзорциум (W3C) – WCAG 2.2, новите функционалности на порталот додаваат можности за подобрување на изгледот погоден за лица со попреченост, со мапа и полесен и интуитивен изглед. Така гарантираме дека дигиталните услуги се навистина достапни за секој граѓанин.“, нагласи Андоновски.

На мултимедијалниот настан свое обраќање на панел дискусија за новите услуги достапни на порталот имаа и претставници на Министерството за култура и туризам, Министерството за внатрешни работи, Фондот на ПИОМ, Агенција за храна и ветеринарство и Регулаторната комисија за енергетика.