Изложба и базар „Вредни раце чуда чинат“

Во низата проекти за ревитализација на Старата скопска чаршија е и изложбата на ракотворби во црквата „Св. Спас“ и базарот во Капан ан под заедничко име „Вредни раце чуда чинат“, каде што до среда занаетчиите ќе ги претстават своите креативни изработки.

На продажните штандови во Капан ан, кој е отворен од 10 до 20 часот, има народни носии, производи од природни материјали, килими, филигран, слики од срма, сувенири од дрво, крзно и кожа, резбани икони, грнчарија... Настанот е дел од Неделата на чаршијата и од проектот „Еко етно Македонија - вкусот на традицијата“ чија цел е негување на традиционалните вредности.

Отворајќи ја изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека намерата е занаетчиството да стане симбол за долгорочен успех, социјален ангажман и модерна иднина и оти Министерството се залага за поддршка и развој на креативните индустрии.

- Овие уникатни примероци пред нас се потврда дека Република Македонија е земја на креативци кои немаат недостаток на оригиналност или богатство на идеи туку, напротив, креативци кои имаат голема желба својот потенцијал да го искористат во вистинска насока и од својата творечка енергија да создадат важен економски ресурс, рече Канческа-Милевска.

Информираше дека за заживување на чаршијата Министерството им помага и на занаетчиите во ова старо градско јадро и работи на  расчистување на имотно-правните проблеми со дуќаните. Покрај Безистенот кој им е доделен на користење на уметниците од ДЛУМ, преку Занаетчиската комора овој месец  е во план доделување имотно-правно расчистени дуќани на занаетчии за да работат во чаршијата.

Организатoр на настанот е СИМ-Дизајн од Скопје. Претставничката Соња Кушовска-Трајковска изјави дека проектот „Еко етно Македонија - вкусот на традицијата“ произлегол од Денот на идеи што пред две години го организираше Министерството за култура.

- Од тој проект сега произлегоа седум потпроекти, а „Вредни раце чуда чинат“ е еден дел од таа палета на манифестации што се надоврзуваат. Во Македонија има огромен потенцијал и кога би требало да се вклопи на едно место би ни требале десет чаршии. Има луѓе кои извонредно работат. Целта е да не се заборави традицијата, зашто младите се оддалечуваат од некои техники...Преку овие проекти ги насочуваме, а сепак во контекст на современото живеење, рече Кушовска-Трајковска.