Заменик претседателот на Владата задолжен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи денеска се сретна со програмскиот директор на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија и Албанија, Џон Флухарти, со кого разговараше за досегашната соработка и идните планови за работа.
Заменик претседателот на Владата Фетаи истакна дека Владата со големо задоволство очекува да соработува со администрацијата на претседателот Доналд Трамп во реализацијата на заедничките приоритети како стратешки партнери. Фетаи збореше и за резултатите од досегашната работа на Владата, посебно во сферата на фискалната децентрализација и привлекувањето на странски инвестиции. Тој се заблагодари за помошта на ИРИ при изготвување на новиот План за работа на Кабинетот во 2025 година со исчекување дека соработката ќе продолжи и во процесот на спроведување.
Директорот на ИРИ Флухарти изрази задоволство од досегашната соработка со Кабинетот на Фетаи посакувајќи успех во спроведувањето на Планот за работа за годинава. Флухарти смета дека од клучно значење за владата е да покаже дека може да се работи подобро во интерес на граѓаните спроведувајќи ја Реформската агенда и подобрувајќи го стандардот на граѓаните. Тој информираше и за активностите на ИРИ во 2025 година во правец на зајакнување на капацитетите на политичките партии и зголемување на транспарентноста на Владата.