Драго ми е што семејствата во оваа социјална зграда ќе најдат топол дом и ќе градат пристојна иднина, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Велес на доделување на социјалните станови.
Вкупно 29 семејства ги добија клучевите во социјалната зграда во Велес. На доделувањето присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, директорот на АД за станбен и деловен простор Марјан Стефановски, градоначалникот Марко Колев, пратеници.
Вицепремиерот Николоски истакна дека покрај изградбата на социјалните станови, приоритет е изградба и на комерцијални згради се со цел да се интервенира на пазарот на недвижности и да се намали цената на станбениот квадрат.
“Се сеќавате дека бевме тука и во моментите кога се грaдеше оваа зграда. Драго ми е што е завршена и драго ми е што семејствата кои што денеска ги сретнавме ќе можат да градат една попристојна иднина и да можат да најдат топол дом. Како што спомнавме ќе продолжиме и во следниот период да работиме на изградба на слични вакви објекти и во останатите градови за да помогнеме на што повеќе семејства колку што можеме, а исто така преку изградба на комерцијални згради ќе се обидеме да интервенираме во цената на квадратот која што за жал достигнува во одрeдени градови и огромни суми кои што мораат да одат надолу. Така што во следниот период ќе не има многу со вакви и слични проекти кои што доаѓаат”- изјави вицепремиерот Николоски
Зградата во Велес брои 29 станбени единици и 29 подрумски простории. Становите се изградени по програмата на Владата за изградба на згради за социјално ранливи категории граѓани.
Директорот на АД за станбен и деловен простор истакна дека веќе следната недела ќе се распише јавниот оглас за продажба на становите од комерцијалната зграда во Битола што ја гради ова акционерско друштво. Како што најави вицепремиерот Николоски, цената ќе биде илјада евра за метар квадратен за станови и две илјади евра за метар квадратен за деловни простории.