Премиерот Мицкоски оствари средба со Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта

Денес во Минхен, Претседателот на Владата Христијан Мицкоски оствари средба со Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. 

На средбата се разговараше за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата конечно да се отворат вратите на ЕУ. 

Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу. 

На тој план Македонија направи многу и Европската Унија мора да покаже подготвеност тоа да го вреднува на вистинскиот начин, а тоа е преку динамизирање на процесот на преговори со Европската Унија, истакна Мицкоски. 

Тој посочи дека Владата е силно посветена на судските реформи, испорачување на правдата и борба против организираниот криминал за што е потребна поддршка и мобилизација на сите општествени чинители. 

Мицкоски посочи дека првенствена цел е борба за стандардот на граѓаните и подобар живот, што ќе се постигне преку иновации, инвестиции и силно образование. 

Инаку средбата се одржува на маргините на Михенската безбедносна конференција каде се собираат политички лидери од светот и каде ќе се дискутира за важни европски и светски предизвици. Свое обраќање ќе има и македонскиот премиер.