Државниот архив, како управна организација основана за вршење работи што се однесуваат на чување и заштита на архивскиот материјал со кој располага Република С. Македонија, средување и обработка на архивскиот материјал и вршење архивски истражувања, настојува да одржува редовна и плодна комуникација со Владата.
За таа цел денес во работна посета на Државниот архив беше заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, кој оствари работна средба со директорот, д-р Наташа Котлар-Трајкова. Во разговорот, директорот го информираше вицепремиерот за тековните состојби во институцијата, за зацртаните цели на годишно ниво и нивната реализација.
На средбата стана збор и за решавање на предизвикот со обезбедување на наменски објект за институцијата кој би ги исполнувал архивските стандарди. Во рамките на посетата, вицепремиерот Димовски имаше можност да се сретне и со дел од архивските професионалци, да се запознае со работните услови и состојбите во делот на заштитата на архивскиот материјал-депото.
Раководството на Државниот архив во насока на афирмирање на потребите на Архивот и архивските работници ќе одржува партнерски однос и редовна комуникација со извршната власт.