Мицкоски: Оваа година очекувам висок број на странски инвестиции да инвестираат во Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на новинарското прашање кои се очекувањата во однос на зголемувањето на нивото на странски директни инвестиции, изјави дека во последните неколку недели има голем бран на компании коишто се заинтересирани да вложуваат во Македонија.

„Токму така, 2024 година ја завршивме со рекордно историско ниво на странски инвестиции од 1 милијарда 255 милиони евра. Со што повторно по глава на жител сме држава со најголем број на странски инвестиции во регионот. Сега можеби тоа на некого не му одговара, но тоа е факт. Тоа се факти и повторно за многу кратко време таа политика се консолидира и таа политика ќе продолжи во годината која следи, бидејќи верувајте, посебно во последните неколку недели имаме голем бран на компании коишто се заинтересирани да вложуваат кај нас, овде во Македонија и во слободните технолошки зони, но и надвор од нив.

Навистина, јас сум пресреќен што тие препознаа дека оваа Влада, навистина води про-бизнис политика и сака да поддржува отворање на нови работни места, добро платени работни места. Впрочем, и сега мора да се работните места добро платени, бидејќи конкуренцијата на пазарот на труд е немилосрдна“, истакна премиерот.

За годинава, тој напомена дека очекува висока бројка на странски директни инвестиции.

„Но, добро е што имаат доверба и што и оваа година очекувам навистина висока бројка. Не би сакал сега да се лиферува со бројки. Но, знам дека една инвестиција почнува со работа овој месец, другата почнува со работа во Штип во април месец. Во мај ставаме камен темелник, во јуни повторно камен темелник, така секој месец, една до две ќе има или пуштање во употреба или камен темелници на нови инвестиции. Во јуни ставаме на „Алказар“, точно инвестицијата, тоа се половина милијарда американски долари инвестиција, со што конечно ќе имаме поголемо производство на електрична енергија отколку што го трошиме, што навистина ќе претставува за мене голем успех, бидејќи тоа беше еден од моите лични цели да произведуваме повеќе отколку што трошиме електрична енергија. Значи, ќе можеме да извезуваме и голем процент од таа електрична енергија ќе биде во обновливите извори, односно таканаречена зелена енергија, со што ќе го зголемиме и тоа производно портфолио. При крај се законите коишто ќе се најдат во собраниска процедура, Законот за енергетика, енергетска ефикасност, итн., итн., со што еден од клучните стратешки столбови за коишто оваа Влада е определена, а тоа да бидеме буквално регионален хаб кога станува збор за енергетиката, ќе почнат да се исполнуваат“, информираше премиерот.