Од денеска достапни нови 10,7 милиони евра за македонските компании
Македонските компании од денеска имаат на располагање нови 10,7 милиони евра што ги обезбеди Владата, а со цел подобрување на ликвидноста и конкуреноста на странскиот пазар во услови на криза, како и 100-те милиони евра што Владата ги обезбедеи од Европската инвестициска банка, а кои се достапни од пред два дена. Средствата ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот по поволни услови со камата од 3 проценти.
Договорот со Владата за докапитализација на МБПР преку што се обезбедуваат средстата беше врачен денеска од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на претседателот на Надзорниот одбор на Банката Оливер Костуранов.
- Пред два дена ја објавивме кредитната линија од 100 миолини евра за малите и средни претпријатија која е голема финансиска поддршка за македонското сопанство, а денеска објавуваме дека ставаме во функција и ставаме на располагање уште дополнителни 10,7 милиони евра средства наменети пред се за фирмите што се занимаваат со преработка на земјоделски производи, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според него Владата ги обезбеди овие две кредитни линии навреме како директна поддршка на стопанството во услови на нарушена ликвидност и зголемени проблеми поради европската должничка криза. Начинот, истакна, на кој оваа кредитна линија се обезбеди и условите под кои таа е обезбедена ќе им помогне во вистинско време на фирмите кои се занимаваат со откуп, преработка и извоз на земјоделски производи.
- Со овие средства обезбедуваме поволни ликвидни иинвестициски средства за 50-тина компании од Македонија кои во следните месеци треба што побрзо да ги искористат средствата и да ги повлечат. На тој начин им помагаме не само на компаниите, бидејќи тие компании откупуваат производи од земјоделците и ќе може со овие средства да се врши понавремено плаќање на земјоделците. Токму затоа е избран овој сектор од причина што тука има сеозонски влијанија и осцилации во однос на периодот што е потребен од откупот до нивната преработка, пласирањето и отплатата на пласираните производи. Затоа во овој временски период им се потребни ликвидни средства да го пополнат тој јаз и токму тука Владата интервенира преку Македонската банка за поддршка на развојот, рече Ставрески.
Претседателот на надзорниот одбор на Банката, Оливер Костуранов истакна дека со овие средства од Владата преку докапитализација на Македонска банка за поддршка на развојот даваат дополнителни можности за подобрување и развој на производните и конкурентнските способности на малите и средни прептпријатија.
Кредитната линија директно ќе биде менаџирана од Македонската банка за поддршка на развојот, под исклучително поволни услови со каматна стапка од 3 проценти за крајните корисници. Рокот на отплата ќе биде до пет години и грејс период од една година доколку станува збор за основни средства и 18 месеци рок на отплата и три месеци грејс период за кредити за обртни средства. Барањата ќе се поднесуваат директно во Македонската банка за поддршка на развојот во Скопје.
Одговрајќи на новинарски прашања министерот Ставрески информира дека парите од Дојче банк веќе до понеделник ќе бидат префрлени на наша сметка и оти се обезбедени со каматна стапка пониска од онаа што првично беше објавена бидејќи, како што појасни министерот, во меѓувреме се подобрија условите и го искористивме тој краток период на подобрување на условите на европскиот пазар и каматната стапка е 6,45 проценти.
Во однос на објавената стапка на сиромаштија од Државниот завод за статистика, министерот истакна дека тоа е долгорочен проблем. - На ова ниво сиромаштијата беше и во 2003, 2004, 2005 година. За жал сега поради кризата сиромаштијата е се уште на истото ниво, иако во 2007 и во 2008 година имавме намалување на стапката. Тогаш кога имаше нормални околности за работа и кога можевме да оствариме високи стапки на раст се намали сиромаштијата и тоа е единствениот начин да се направи и ние веруваме дека со стабилизирањето на европската економија ќе се вратиме на поголеми стапки на економски раст – отворање нови работни места што е клучен услов за да се намали сиромаштијата, рече министерот.
Во врска со најавените инвестиции од 8 милијарди евра во инфраструктурни проекти, Ставрески потенцира дека сите проекти се опфатени во програмата на Владата, која е амбициозна и оти поради кризата мораше да се модифицира.
- Многу работи се променети. Имаме светска економска криза која што достигна размери што не се забележани во овие последни 80 години, така што сите земји ги изменија проекциите и најавите во однос на планираните инвестиции и реализираните инвестиции. Но, и покрај оваа економска криза, ние остануваме на определбата за одржување на високо ниво на капитални инвестиции и водиме сметка за тоа максимално во рамките на постојните буџетски средства да се определат средства за капитални инвестиции, рече министерот и додаде дека од 2009. до оваа година преку капитални инвестиции реализирани се 1,115 милијарда евра каде се опфатени проекти во делот на транспортната инфраструктура – патишта, железници и слично, потоа инфраструктурни проекти како слободните економски зони, реконструкција на болници, реконструкции и изградба на училишта, пречистителни станици, канализации, водоводи. Дополнителни на овие 1,115 милијарди евра, додаде Ставрески, има 150 милиони евра инвестиции од страна на ЕЛЕМ во делот на енергетиката. Се работи за околу 40 милиони евра инвестиција во ХЕ „Св. Петка“, 40 милиони евра инвестиција за модернизација на ТЕ „Битола“, 30-ина милиони евра за отворање на рудникот „Суводол“ и други.
- Се работи за една амбициозна програма која дефинитивно поради кризата мораше да се модифицира и од аспект на износот на средствата и од аспект на динамиката на реализација. Тука влегуваат секако и социјалните станови, влегуваат и модернизацијата на аеродромите која што веќе е реализирана, рече Ставрески и додаде дека програмата беше најавена за седум години и оти во тој момент во 2009 година беше ообјавена во период кога светската економска криза беше на самиот почеток, односно во Македонија ја немаше.
Тој истакна дека Владата останува на определбата дека капиталните инвестиции се еден од клучните инструменти за борба против кризата и за подобрување на конкурентноста на македонската економија и оти овие бројки покажуваат дека Македонија издвојува многу голем износ на средства и во апсолутен износ и процентуално од Буџетот за реализација на капитални проекти.