Одржана трета Седница на Националниот совет за одржлив развој
Владата на Република Македонија континуирано спроведува активности и соработува со сите неопходни чинители во насока на подобрување на политиките од областа на одржливиот развој. Токму затоа, денес, во просториите на Владата на Република Македонија беше одржана Седница на Националниот совет за одржлив развој. На седницата, освен членовите на Националниот совет учествуваа и високи претставници од Светска Банка, UNDP, Делегацијата на Европска Унија во Македонија и УСАИД.
На Седницата, најпрво беше разгледано учеството на Република Македонија на Конференцијата за одржлив развој Рио+20 чија цел е обновување на политичката посветеност на државите кон одржливиот развој, евалуација на напредокот направен до денес и разгледување на новите предизвици кои допрва ќе се појавуваат. Државите учеснички на Конференцијата ја дефинираа својата позиција во однос на меѓународното владеење со животната средина и меѓународното управување со реформите за одржлив развој. Во однос на Република Македонија, беше истакнато дека Националната стратегија за одржлив развој (НСОР), активностите и политиките кои ги превзема македонската влада се во силна корелација и врска со приоритетните области на Конференцијата Рио+20 и нејзиниот финален документ „Иднината која ја сакаме“.
Понатака на Седницата, претставниците на Светска Банка извршија презентација на програмата Зелен развој. Имено, во склоп на програмата Зелен развој, изработена е првична мултисекторска анализа од страна на експертски тимови од Светка банка, државните институции и домашните експерти, која ги опфаќа водата, земјоделието и хидропотенцијалите, урбаниот развој, како и макроекономско моделирање.
Анализата содржи приказ на моменталната достапност на вода и водните ресурси во Република Македонија. Во неа е прикажан начинот на искористување на водата во процесот на производство на топлинска енергија, хидроенергија, во процесите за наводнување, односно за општинска и индустриска употреба на овие водни ресурси, како и за влијанието на климатските промени врз понудата и побарувачката на вода во наредните децении.
Прелиминарните резултати презентирани во анализата, за водните ресурси сугерираат дека климатските промени ќе донесат нови предизвици поврзани со снабдувањето со вода за наводнување, за индустриска употреба, како и за произвосдство на електрична енергија во постоечките и планираните капацитети. Анализата ги прикажува релациите помеѓу енергетиката, водите, транспортот и земјоделството и воедно ги поврзува парцијалните анализи во дадените сектори во една единствена целина и ги прикажува ефектите врз целокупната македонска економија, бруто- домашното производство, вработувањето, меѓународната трговија и фискалните варијабли.
Резултатите од анализата во областа на убан развој ќе се искористат за ажурирање на генералните урбанистички планови, ажурирање на регулативите за урбанистичко планирање, утврдување на цели за поголема енергетска ефикасност на градовите, како и инвестициони стратегии и можности за финансирање на проекти за потикнување на одржливиот развој.
Макроекономската анализа е добра основа која ќе помогне во имплементацијата на Националната стратегија за одржлив развој, како и во креирањето на политиките и спроведувањето на мерки и активности од страна на Владата во оваа сфера. Исто така, анализата ќе има свој придонес и во креирањето на новата водостопанска основа бидејќи сегашната датира од 1968 година.
Главната придобивка од активната работа на Националниот совет за одржлив развој при Владата на Република Македонија е воспоставувањето на политики кои истовремено ќе овозможат економски раст и развој, зголемување на вработеноста, но и заштита, унапредување и одржување на животната средина, се со цел зголемување на животниот стандард на македонските граѓани и обезбедуваење на просперитетна иднина за нашите деца и идните генерации.
Работата на Националниот совет за одржлив развој, е поврзана со членството на Република Македонија во европското семејство, вклучувајќи го тука и исполнувањето на европското acquis кое се однесува на животната средина, кое според искуството на другите држави е едно од најтешките поглавја. Еден од најважните приоритети на Националниот совет е успешното прилагодување на македонското стопанство кон условите на климатските промени и промовирање на енергетската ефикасност преку ефикасно користење на природните ресурси, намалување на емисиијата на стакленички гасови и зголемување на боројот на обновливи извори на енергија. Сето ова треба да резултира со истовремено задржување на макроекономската стабилност и постигнување на зелен раст и развој.
Во склоп на програмата за Зелен развој изработен е и макроекономски модел за анализирање на политиките за зелен раст. Макроекономскиот модел претставува инструмент кој што ќе и овозможи на Владата преку симулирање на конкретни политики и сценарија, на среден и долг временски период, да ги примени најдобрите мерки и практитки со што ќе се зголеми квалитетот на Владините одлуки и политики, чија крајна цел ќе е подигање на животниот стандарт и обезбедување на просперитетна и сигурна иднина за идните генерации.
Поради успешноста и софистицираноста на макроекономски модел кој што е креиран низ континуирана соработка помеѓу државните институции и Светска Банка, примерот на Република Македонија, како предводник во оваа сфера, ќе биде користен при воспоставување и креирање на слични вакви моделирања и во други држави.