„Империјал Тобако“ со инвестиција од 23 милиони евра го заокружува 10 годишното работење во Македонија
Со инвестиција од 23 милиони евра, „Империјал Тобако“ групацијата го одбележува 10-годишното работење во Македонија.
Инвестицијата е насочена кон модернизирање на фабриката со нова опрема и внесување на нови производствени линии и современа технологија со што се очекува зголемување на конкуретноста на производите на пазарите. Паралелно со ова се инвестира и во надградба на севкупната инфраструктура на фабриката, односно осовременување на производствената зграда и магацинските простори и подобрување на условите за работа на вработените.
- Оваа година е одлична за Империјал Тобако во Македонија и за нашите нови достигнувања. Бројни нови машини се инсталираат за да се подобри нашиот капацитет и нашата флексибилност. Покрај тоа започнавме и со реновирање на фабриката со што ќе се смени изгледот на ова место. Сите овие инвестиции значат дека фабриката во Македонија ќе биде иста како и и останатите фабрики на Империјал тобако во светот, истакна Ричард Парат, генерален директор на Империјал Тобако за Јужен Балкан на денешата промоција на инвестицијата.
Според министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, инвестицијата на Империјал Тобако е потврда дека добрата бизнис клима во Македонија носи резултати.
- Во време на криза и поголема европска рецесија, оваа странска фирма, која инвестирала во Македонија пред 10 години, постојано расте и одлучува во едно тешко време да инвестира во Македонија и на тој начин да го зголеми производството и извозот, рече Самак.
Во следниот период најави и други инвестиции. - Наредната недела имаме потпишување на два договори и тоа ќе придонесе за дополнително зголемување на инвестициите. За жал, гледаме се повеќе застој во светот, но досега тоа се нема пренесено во некои од тековните проекти во Македонија, нагласи Самак.
Директорот на фабрика на Империјал Тобако ТКС, Никола Коларовски очекува дека до крајот на годината ќе ги завршат сите планирани проекти со што ќе потврдат дека се најсовремен регионален производствен центар во тутунската индустрија.
Најголем дел, односно 60 проценти од производството на „Империјал Тобако ТКС“ е за извоз, а остатокот е наменет за домашниот пазар.